Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 5:1-12

1 Самоилова 5:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Филистејците го зедоа ковчегот Божји и го пренесоа од Евен-Езер во Ашдод. Го зедоа Филистејците ковчегот Божји, го внесоа во храмот на Дагон и го поставија до овој идол. На другиот ден, откако жителите на Ашдод дојдоа рано наутро во храмот на Дагон, ете, Дагон лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов. И го зедоа Дагон и го поставија пак на местото негово. На следниот ден, откако станаа утрината, ете, Дагон пак лежи ничкум на земја пред ковчегот Господов; главата на Дагон и обете дланки на рацете негови беа пресечени, секоја одделно, и лежеа на прагот; само трупот на Дагон беше останал. Поради тоа жреците Дагонови и си­те други, кои доаѓаа во домот на Дагон во Ашдод, не стапнуваат на прагот Да­гонов до ден – денешен. И раката Господова се протегна врз жителите на Ашдод, и Бог ги удри и ги казни со гнасни чирови во Ашдод и околните места негови. Откако го видоа тоа ашдодците, рекоа: „Да не остане ковчегот на Бог Израелов кај нас, зашто тешка Му е раката и за нас и за нашиот бог Дагон.“ И испратија, та ги собраа кај себе сите филистејски кнезови и рекоа: „Што да правиме со ковчегот на Бог Израелов?“ А тие рекоа: „Нека се пренесе ковчегот на Бог Израелов во Гет.“ И го испратија ковчегот на Бог Израелов во Гет. Откако го пренесоа, раката Госпо­дова дојде врз градот и направи ужас мошне голем, и ги удри Господ градските жители од мал до голем, и се појавија на нив израстоци. Затоа тие го испратија ковчегот Божји во Екрон. И кога ковчегот Божји дојде во Екрон, екронците извикаа и рекоа: „Го донесоа кај нас ковчегот на Бог Израелов за да нѐ помори нас и народот наш.“ И испратија, та ги собраа сите фи­листејски кнезови и рекоа: „Испратете го ковчегот на Бог Израелов; нека се вра­ти на местото свое за да не нѐ помори нас и народот наш.“ Зашто се појави смртен страв: по целиот град раката Божја силно се протегна врз нив. И оние што не умреа, беа заразени со гнасни чирови, така што пискотот од градот се издигаше до небото.

1 Самоилова 5:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Филистејците го освоија Божјиот Ковчег, го пренесоа од Евен Езер во Азот. На тоа Филистејците го зедоа Божјиот Ковчег, го внесоа во Дагоновиот храм и го сместија покрај Дагона. Утреден наутро, ете, Дагон лежеше ничкум на земјата пред Господовиот Ковчег. Тие го кренаа Дагона и го ставија на неговото место. Ама кога поранија наутро, ете, Дагон лежеше пак на земјата пред Господовиот Ковчег; Дагоновата глава и двете негови раце лежеа отсечени на прагот: на местото стоеше само Дагоновиот труп. Затоа Дагоновите свештеници и сите кои влегуваат во Дагоновиот храм не стапнуваат со нога на Дагоновиот праг во Азот сѐ до денешен ден. Тогаш Господовата рака ги притисна тешко жителите на Азот и ги натера во силен страв: ги казни со чиреви, Азот и неговото подрачје. Кога луѓето во Азот видоа што се случи, рекоа: „Ковчегот на Израелевиот Бог не смее да остане кај нас, зашто Неговата рака се испружила против нас и против нашиот бог Дагон.“ Тие ги свикаа и ги собраа сите филистејски кнезови кај себе и рекоа: „Што да правиме со Ковчегот на Израелевиот Бог?“ А тие одговорија: „Ковчегот на Израелевиот Бог нека биде пренесен во Гат.“ И го пренесоа таму Ковчегот на Израелевиот Бог. Ама кога го пренесоа, Господовата рака се спушти на градот и настана силна стравотија: ги удри граѓаните, од најмалите до најголемите така што им се појавија чиреви. Тогаш го испратија Божјиот Ковчег во Акарон, Акаронците повикаа: „Го донесоа Ковчегот на Израелевиот Бог кај нас, за да нѐ помори нас и сиот наш народ!“ Затоа испратија и ги собраа сите филистејски кнезови и рекоа: „Испратете го назад Ковчегот на Израелевиот Бог, нека биде вратен на своето место, за да не нѐ помори нас и нашиот народ!“ Зашто владееше смртен страв во целиот град, толку таму беше притиснала Господовата рака. Луѓето кои не изумреа, беа удрени со чиреви и болниот вик на градот се дигаше до небото.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност