Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 25:4-35

1 Самоилова 25:4-35 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Давид слушна во пустината дека Навал ги стриже овците свои. И Давид испрати десет момци, и им рече Давид на момците: „Одете на Кармил, појдете кај Навал, поздравете го од мое име и кажете му вака: ‚Мир на тебе, мир на твојот дом, мир на сѐ што е твое! Денес слушнав дека ти ги стрижат овците; ете, овчарите твои беа со нас, и ние не ги навредувавме, и ништо кај нив не се загуби за сето тоа време, додека стоеја на Кармил. Прашај ги слугите свои, и тие ќе ти кажат. Затоа нека најдат момците бла­гонаклоност во очите твои, бидејќи во добар ден дојдовме. Дај им, пак, на слугите твои и на синот свој Давид она што ти се наоѓа при рака.‘“ Давидовите луѓе отидоа и му ги кажаа на Навал од името на Давид сите тие зборови, и замолчаа. Навал им одговори на Давидовите слуги и рече: „Кој е тој Давид, кој е тој син Јесеев? Сега има многу слуги кои бегаат од господарите свои. Зар да ги земам лебот свој и водата своја, и месото што сум го приготвил за стрижачите на овците, и да им дадам на луѓе што не ги знам од каде се?“ И Давидовите луѓе се вратија по својот пат, се вратија и дојдоа, та му ги соопштија на Давид сите тие зборови. Тогаш Давид им рече на луѓето свои: „Препашете го секој мечот свој.“ И сите ги препашаа своите мечеви, го препаша и Давид мечот свој, и тргнаа по Давид околу четиристотини мажи, а двесте оставија кај логорот. Но еден од слугите ѝ јави на Ави­геја, жената Навалова, велејќи: „Ете, Давид испрати од пустината известувачи да го поздрават нашиот господар, но тој се однесе кон нив грубо. А тие луѓе се многу добри кон нас, не нѐ навредуваа, и ништо не се изгуби кај нас, за сето време додека одевме со нив, и додека бевме во полето; тие беа за нас како ѕид и дење и ноќе за сето време, додека ги пасевме стадата близу до нив; затоа, помисли и види што да се прави, бидејќи неизбежна несреќа му се заканува на господарот наш и целиот дом негов; а тој е лош човек, не може да се говори со него.“ Тогаш Авигеја набрзина зеде двесте леба и две мешини со вино, и пет овци зготвени, пет мери пржено жито, сто врзопки суво грозје и двесте низи смок­ви, и ги натовари на магариња, па им рече на слугите свои: „Тргну­вајте пред мене, ете, јас ќе одам по вас.“ А на мажот свој Навал ништо не му кажа. А кога таа, седната на магаре, се спушташе по падините на планината, ете, во пресрет ѝ доаѓа Давид и луѓето негови, и таа се сретна со нив. И Давид рече: „Да, залудо го пазев во пустината целиот имот на тој човек, и ништо не се изгуби од тоа што беше негово; тој ми плаќа зло за добро. Нека Господ му прати на Давид најголема казна и уште повеќе да му додаде, ако утре до разденување, од сѐ што е Навалово, оставам макар едно суштество што мокри покрај ѕид!“ Штом Авигеја го виде Давид, таа брзо слезе од магарето, падна ничкум пред Давид и се поклони до земја, падна до нозете негови и рече: „Врз мене да е гревот, господаре мој; дозволи ѝ на робинката твоја да говори во ушите твои и слушни ги зборовите на робинката твоја. Нека не обрнува внимание господарот мој на тој лош човек, на Навал; зашто, како што му е името, таков е и тој: Навал му е името, и безумието е со него. А јас, твојата робинка, не ги видов слугите на мојот господар што си ги испратил. И сега, господаре мој, ти се колнам во Господ и во душата твоја! Господ нема да дозволи да пролеваш крв, а ќе ја задржи раката твоја да не се одмаздуваш; и сега нека бидат како Навал твоите непријатели и овие, кои мислеа лошо против мојот господар. Еве ги даровите што робинката твоја му ги донесе на својот господар за да им се разделат на момците, кои му служат на мојот господар. Прости ѝ ја вината на робинката своја; Господ бездруго ќе подигне за мојот господар цврст дом, зашто мојот господар води Господови војни, и во текот на целиот живот твој зло нема да се најде во тебе. Ако човекот стане да те гони и да ја бара душата твоја, тогаш душата на мојот господар ќе биде сврзана со јазелот на животот кај Господ, твојот Бог, а душата на твоите непријатели Тој ќе ја отфрли како од праќа. И кога Господ постапи со мојот господар според сето добро што го го­вореше за тебе, и те постави за водач на Израел, за срцето на мојот господар тоа нема да биде огорченост и неспокојство, зашто пролеал напразно крв, и зашто си се спасил. Господ ќе му направи доб­ро на мојот господар, и ти ќе си спом­неш за робинката своја.“ А Давид ѝ рече на Авигеја: „Благо­словен Господ, Бог Израелов, Кој те испрати денес во пресрет мој, и благословен да биде твојот разум и благословена да бидеш ти, поради тоа што сега не ме остави да пролевам крв и да се одмаздам за себеси. Но, – се колнам во Господ, Бог Из­раелов, кој ме задржа да не ти направам зло, – ако не побрзаше и ако не ми дојдеше во пресрет, тогаш утре до разденување јас немаше да му оставам на Навал ниту едно суштество што мокри покрај ѕид.“ Тогаш Давид го зеде од рацете нејзини она што му го беше донела, и ѝ рече: „Оди си со мир во домот свој; ете, го послушав гласот твој и го почитав лицето твое.“