Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 2:1-36

1 Самоилова 2:1-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И се молеше Ана и велеше: „Ми се зарадува срцето мое во Господ; се возвиши силата моја преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе. Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог. Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се од­мерени. Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат. Ситите работат за леб, а гладните почиваат. Дури и неплодната раѓа се­думпати, а многудетната изнемоштува. Господ умртвува и оживува, одведува во пеколот, и повторно оттаму доведува назад. Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига. Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наслед­ство престолот на славата; зашто во Гос­под се столбовите на земјава, и Тој врз нив ја утврди вселената. Ги услишува молитвите на моли­телот и ги благословува деновите на праведниот, зашто не е според силата човекот јак. Господ ќе ги изнемошти оние што се препираат со Него. Од небесата ќе згрми на нив. Господ ќе ги суди кра­иштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе ја возвиши моќта на помазаникот Свој.“ Елкана замина за Рама во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господ покрај свештеникот Илиј. А синовите на Илиј беа лоши луѓе. Тие не Го познаваа Господа и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со вилушка во раката, додека се вареше месото, и ја спушташе во котелот, или во котлето, или во тавата, или во грнето, и што ќе извади вилушката, тоа го земаше за себе свештеникот. Така постапуваа тие со сите Израелци што доаѓаа таму во Силом. Дури и пред да изгори лојот, слугата на свештеникот доаѓаше и му велеше на оној што принесуваше жртва: „Дај месо за печење на свештеникот; тој нема да земе од тебе варено месо, ами дај сурово.“ И ако некој му речеше: „Прво нека изгори лојот, како што е редот, и после земи си, колу што ти сака душата“, тој ќе речеше: „Не, дај сега, ако не, насила ќе земам.“ И гревот на тие млади луѓе беше многу голем пред Господ, зашто тие вршеа неправда против жртвите Гос­подови. А момчето Самоил служеше пред Господ, облечено во ленен ефод. Горната облека негова му ја пра­веше мајка му и му ја донесуваше секоја година, кога доаѓаше со мажот свој за да принесе годишна жртва. Илиј ги благослови Елкана и жена му и рече: „Да ти даде Господ деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господ!“ И заминаа во своето место. И ја посети Господ Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки. А момчето Самоил растеше пред лицето на Господ. Илиј, пак, беше многу стар и слу­шаше сѐ што правеа синовите негови со сите Израелци, и дека тие спијат со жените кои служеа покрај влезот во скинијата на собранието. И им рече: „Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ. Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас. Немојте да пра­вите така, бидејќи гласовите што ги слушам дека вие не му служите добро на народот Господов, не се добри. Ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но ако човек згреши против Господ, кој ќе биде тој што ќе моли за него?“ Но тие не го послушаа гласот на таткото свој, бидејќи Господ веќе беше решил да ги погуби. А детето Самоил сѐ повеќе и повеќе растеше и се здобиваше со бла­гонаклоност пред Господ и меѓу луѓето. И дојде еден Божји човек кај Илиј и му рече: „Вака вели Господ: Нели им се открив на твоите предци, кога тие уште беа робови во Египет, во домот на фа­раонот? И меѓу сите племиња Израелови нели ги избрав нив за свештеници, за да пристапуваат пред Мојот жртвеник, да кадат темјан, да носат ефод пред Мене? Нели му доверив Јас на татковиот ти дом еден дел од жртвите палени за Мене од синовите Израелови? А ти зошто ги презре палените жртви Мои и гледаш со ненаситно око на Моите приноси, кои ги одредив да се принесуваат пред Мене? И зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови од сите приноси од Мојот народ Израел? Затоа Господ Бог Израелов вели вака: Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое засекогаш, но сега Господ вели – Скраја да е од Мене, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме про­славуваат, а оние што Ме презираат ќе бидат презрени. Ете, настапуваат дни, во кои ќе го сотрам семето твое и семето на татковиот ти дом, така што никогаш да нема старец во домот твој! Па ти со негодување ќе ја видиш Мојата сила, и покрај сите добрини што Господ му ги направил на Израел, и за навек нема да има старец во домот твој. Сепак, Јас нема да ги отстранам сите твои од жртвеникот Свој, но ќе оставам барем еден за да ти пресушат очите твои и да ти ја огорчам душата, а целото потомство на домот твој ќе умира од сечилото на мечот. И еве ти знак што ќе стане со двајцата синови твои Офни и Финес: и обај­цата ќе умрат во еден ден. И ќе Си поставам верен свештеник. Тој ќе постапува по срцето Мое и спо­ред душата Моја, и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник засекогаш. И секој што ќе остане од домот твој, ќе дојде да му се поклонува за сребрена паричка и парче леб и ќе рече: ‚Прими ме на некоја свештеничка должност за да имам парче леб.‘“

1 Самоилова 2:1-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

На тоа Ана се помоли вака: „Моето срце воскликнува во Господа расте мојата сила преку мојот Бог. Устата ми се шири на моите непријатели, зашто се радувам на Твојата помош. Никој не е свет како што е Господ (зашто нема никого освен Тебе) и нема стена како што е нашиот Бог. Не зборувајте многу горделиви зборови, нека не излегува дрскост од вашата уста, зашто Господ е Сѐзнаечки Бог, Тој ги пресудува право делата. Се крши лакот на јунаците, слабите се опашуваат со сила. Ситите сега се мачат за леб, гладните веќе не гладуваат. Неродилката раѓа седумпати, мајката на многуте деца изнемоштува. Господ дава смрт и живот, спушта во гроб и оттаму издига. Господ осиромашува и збогатува, го оборува човекот и го возвишува. Го подига бедниот од правот, сиромашниот го возвишува од буниште, за да ги седне со кнезовите и за да наследат славен престол. Зашто Господови се столбовите на земјата, и Тој ја ставил врз нив вселената. Ги чува чекорите на своите свети, злосторниците ги стигнува пропаст во мракот зашто човек не придобива победа со својата сила. Кои Му се противат на Господа, се сотираат. Сѐвишниот грми од небесата врз нив. Господ им суди на краиштата на земјата, му дава сила на својот цар, и Го воздигнува рогот на Својот помазаник.“ Потоа Елкан се врати во домот во Рама, а детенцето остана да Му служи на Господа, при свештеникот Илија. А Илиевите синови беа недобри луѓе, зашто не се грижеа за Господа, ни за правата на свештениците спроти народот: кога некој би принесувал жртва, би дошол свештениковиот слуга додека месото уште се вареше, со трирогова вилушка во рацете и забодуваше со неа во котлето или во грнецот, во садот за пржење или во чинијата, и што и да се закачеше на вилушката, го земаше свештеникот за себе. Така им правеа на сите Израелци кои доаѓаа онаму, во Сило. Така, и пред да беше спалено салото, би дошол свештениковиот слуга и би му рекол на човекот, кој ја принесуваше жртвата: „Дај ми месо за да му испечам на свештеникот! Тој не сака од тебе варено месо, туку само пресно.“ Ако човекот би му рекол тогаш: „Најнапред нека биде спалено салото, а тогаш земи што ти сака душата,“ тој би одговорил: „Не, туку дај веднаш.“ Гревот на овие луѓе беше многу голем пред Господа, зашто луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа. А Самоил служеше пред Господа, уште дете во ленен наплеќник. Неговата мајка му правеше горна облека за наметнување и му ја донесуваше секоја година, кога ќе дојдеше со својот маж, за да ја принесе годишната жртва. А Илија ги благословуваше Елкана и неговата жена, велејќи: „Господ нека ти даде пород од таа жена наместо подарокот што Му го даде на Господа.“ Тогаш се враќаа во својот дом. Господ ја посети Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а детето Самоил растеше со Господа. Илија веќе беше многу стар, ама сепак чу сѐ што неговите синови му правеа на сиот Израел, и дека лежеле со жените, кои се собирале при влезот на Шаторот на сведоштвото. И тој им рече: „Зашто работите такво нешто, за да треба да слушам за тоа од сиот овој народ? Немојте така, синови мои! Не се добри гласовите што ги слушам… го соблазнувате Господовиот народ. Ако човек му згреши на човека, Господ ќе пресуди. Но ако човек Му згреши на Господа, кој ќе се заземе за него?“ Ама синовите не го послушаа гласот на својот татко, зашто Господ беше одлучил да ги погуби. А детето Самоил сѐ повеќе растеше и придобиваше благонаклоност и пред Господа и пред луѓето. Тогаш дојде еден Божји човек при Илија и му рече: „Господ зборува вака: ‘Нели му се јавив јасно на домот на твојот татко кога беа во Египет, во домот на фараонот? Ги избрав од сите Израелеви племиња за да ми бидат свештеници, за да се искачуваат на Мојот жртвеник, за да принесуваат жртви паленици и за да носат наплеќник пред Мене: и му ги дадов на домот на твојот татко сите палени жртви на Израелевите синови. Зошто ја газите Мојата жртва и Мојот лебен принос? И зошто ги пазиш своите синови повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови на сите жртвени приноси на Мојот народ Израел?’ ’Затоа - Господ, Израелевиот Бог говори - навистина реков дека твојот дом и домот на твојот татко ќе стапуваат пред Мене довека, сега - говори Господ - нека е тоа далеку од Мене, ќе ги прославам оние кои Ме прославуваат Мене, а кои не Ме слават Мене, ќе бидат засрамени. Ете, доаѓаат денови кога ќе ги отсечам твојата мишка и мишката на домот на татка ти, така што веќе не ќе има старец во твојот дом. Ти ќе гледаш со кривогледо око на сите добра со кои ќе го опсипам Израел, и никогаш веќе не ќе има старец во твојот дом. Сепак ќе задржам некого од твоите кај Својот олтар, само за да му слабеат очите и за да му венее неговата душа, но сето потомство на твојот дом ќе умира на средна возраст. Знак ќе биде она што ќе ги снајде твоите два сина, Офниј и Финес: двајцата ќе загинат во ист ден. Јас ќе си издигнам за Себе си верен свештеник, кој ќе работи според Моето срце и според Мојата душа, и во него ќе создадам траен дом, и тој секогаш ќе оди пред Мојот Помазаник. А кој ќе остане од твојот дом, ќе доаѓа да му се поклони и да измоли сребрениче или парче леб, и ќе рече: „Те молам, прими ме во каква и да е свештеничка служба, за да имам залак леб.“‘“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност