1 Самоилова 2:1-11
1 Самоилова 2:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И се молеше Ана и велеше: „Ми се зарадува срцето мое во Господ; се возвиши силата моја преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе. Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог. Не зборувајте повеќе толку горделиво! Зборови дрски нека не излегуваат од вашата уста; зашто Господ е Бог на знаењето, и постапките Негови се одмерени. Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат. Ситите работат за леб, а гладните почиваат. Дури и неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува. Господ умртвува и оживува, одведува во пеколот, и повторно оттаму доведува назад. Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига. Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господ се столбовите на земјава, и Тој врз нив ја утврди вселената. Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведниот, зашто не е според силата човекот јак. Господ ќе ги изнемошти оние што се препираат со Него. Од небесата ќе згрми на нив. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе ја возвиши моќта на помазаникот Свој.“ Елкана замина за Рама во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господ покрај свештеникот Илиј.
1 Самоилова 2:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
На тоа Ана се помоли вака: „Моето срце воскликнува во Господа расте мојата сила преку мојот Бог. Устата ми се шири на моите непријатели, зашто се радувам на Твојата помош. Никој не е свет како што е Господ (зашто нема никого освен Тебе) и нема стена како што е нашиот Бог. Не зборувајте многу горделиви зборови, нека не излегува дрскост од вашата уста, зашто Господ е Сѐзнаечки Бог, Тој ги пресудува право делата. Се крши лакот на јунаците, слабите се опашуваат со сила. Ситите сега се мачат за леб, гладните веќе не гладуваат. Неродилката раѓа седумпати, мајката на многуте деца изнемоштува. Господ дава смрт и живот, спушта во гроб и оттаму издига. Господ осиромашува и збогатува, го оборува човекот и го возвишува. Го подига бедниот од правот, сиромашниот го возвишува од буниште, за да ги седне со кнезовите и за да наследат славен престол. Зашто Господови се столбовите на земјата, и Тој ја ставил врз нив вселената. Ги чува чекорите на своите свети, злосторниците ги стигнува пропаст во мракот зашто човек не придобива победа со својата сила. Кои Му се противат на Господа, се сотираат. Сѐвишниот грми од небесата врз нив. Господ им суди на краиштата на земјата, му дава сила на својот цар, и Го воздигнува рогот на Својот помазаник.“ Потоа Елкан се врати во домот во Рама, а детенцето остана да Му служи на Господа, при свештеникот Илија.