Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 16:14-23

1 Самоилова 16:14-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А од Саул отстапи Духот Господов, и зол дух испратен од Господ, го мачеше. И му рекоа на Саул неговите слуги: „Ете, зол дух од Бога те мачи. Нашиот господар нека заповеда на слугите свои што се пред тебе да поба­раат човек што знае да свири на харфа и кога лошиот дух од Бога ќе дојде врз тебе, тој, свирејќи со рака, ќе те успокојува.“ Саул им одговори на слугите свои: „Најдете ми човек што убаво свири, и доведете ми го.“ Тогаш еден од слугите негови рече: „Ете, јас видов кај витлеемецот Јесеј дека еден од неговите синови знае да свири. Тој е човек храбар и борбен, умно говори и е мошне убав, и Господ е со него.“ Саул прати известител кај Јесеј и рече: „Испрати ми го синот свој Давид, кој е со стадото.“ Јесеј зеде магаре натоварено со леб и еден мев вино и едно јаре, па ги испрати со синот свој Давид кај Саул. Давид дојде кај Саул, и се претстави пред него; тој многу му се допадна на Саул и му стана оруженосец. И Саул испрати да му кажат на Јесеј: „Нека служи Давид кај мене, би­дејќи стекна благонаклоност во моите очи.“ И секогаш, кога злиот дух доаѓаше врз Саул, Давид ја земаше харфата, свиреше, и на Саул му стануваше по­добро и повесело, и лошиот дух тогаш се иставаше од него.

1 Самоилова 16:14-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Господовиот Дух беше отстапил од Саула, а еден зол дух, од Господа, почна да го вознемирува. Тогаш на Саула му рекоа неговите слуги: „Еве Божји зол дух те вознемирува. Затоа нашиот господар нека заповеда, па твоите слуги ќе побараат човек, кој знае да свири со лира: кога ќе те нападне Божјиот зол дух, оној нека свири во лирата, па ќе ти биде подобро.“ Саул им рече на своите слуги: „Најдете ми човек, кој умее да свири вешто со лира и доведете го кај мене!“ Еден од неговите слуги одговори: „Јас видов еден син на Витлеемецот Јесеј: тој умее да свири со лира, храбар човек е, и човек воин, вешт говорник е, со убава става, и Господ е со него.“ Тогаш Саул му испрати гласници на Јесеј и му порача: „Испрати ми го својот син Давид кој е кај стадото!“ А Јесеј зеде пет лебови, мев со вино и му ги испрати на Саула по својот син Давид. И Саул го возљуби многу, и Давид стана негов штитоносец. Потоа Саул испрати кај Јесеја и му порача: „Давид нека остане кај мене во служба, зашто ја придоби мојата наклонетост.“ И кога Божјиот зол дух ќе го нападнеше Саула, Давид ја земаше лирата и свиреше; тогаш му олеснуваше на Саула, и му стануваше подобро, а лошиот дух заминуваше од него.