1 Петар 3:12-17
1 Петар 3:12-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А Господ бдее над праведниците и благонаклоно им ги слуша молитвите, додека спрема оние што вршат зло Господ го упатува Својот прекорен поглед.“ Ако ревносно правите добро, кој ќе ви напакости? Па дури и ако страдате, борејќи се за правдата, Господ ќе ве награди. Затоа, немојте да се плашите од нивните закани, не губете си го спокојството. Почитувајте Го Христос од се срце, како свој Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што ќе ве праша за вашата христијанска вера. Одговарајте им на луѓето кротко и со страхопочит. Вашата совест треба да биде чиста. Тогаш оние што зборуваат против вас ќе бидат посрамени од вашето добро поведение, какво што и му прилега на еден следбеник на Христос. Па ако Бог допушти и да страдате, подобро е да страдате поради тоа што вршите добро, отколку да страдате поради зли дела.
1 Петар 3:12-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние кои прават зло за да ги истреби од земјата.“ И кој ќе ви направи зло, ако правите добро? Но, ако и страдате за правда, блажени сте; не плашете се од она од што тие се плашат и не бојте се; туку Господ Бог почитувајте Го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страхопочит за одговор на секого кој од вас ќе побара сметка за вашата надеж. Имајте чиста совест, та со тоа, што ве напаѓаат како злосторници, да се посрамат тие што ве кудат поради вашиот добар живот во Христос. Зашто, ако ѝ е угодно на Божјата волја, подобро е да страдате правејќи добро, отколку вршејќи лошо.
1 Петар 3:12-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
зашто Господовите очи гледаат на праведниците и Неговите уши ги слушаат нивните молитви, а Господовото лице е против оние, кои прават зло.“ И кој ќе ви стори зло, ако ревнувате за доброто? А ако и страдате заради правдата, бидете блажени! „Не плашете се, ниту се збунувајте од нивните закани,“ туку осветувајте Го во своите срца Христа како Господа, секогаш подготвени за одговор на секого, кој ја бара причината на надежта, која е во вас, но со кротост и со страв, имајќи добра совест, та оние кои го навредуваат вашето добро поведение во Христа, да се посрамат за она за што ве клеветат. Зашто е подобро, ако сака Божјата волја, да страдате правејќи добро, отколку правејќи зло.