Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 9:1-9

1 Царевите 9:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Откако Соломон ја заврши градбата на Господовиот храм, на царски­от дом и сѐ што беше посакал да напра­ви, Господ повторно му се јави на Соло­мон, како што му се беше јавил во Гаваон. И Господ му рече: „Јас ја чув твојата молитва и твојата молба, за која Ме молеше, го осветив тој храм што го изгради ти за да биде засекогаш името Мое таму довека, и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни. А ти, ако одиш пред Моето лице, како што одеше татко ти Давид, со чисто срце и со правина, исполнувајќи сѐ што сум ти заповедал, и ако ги пазиш Моите уредби и Моите закони, Јас ќе го поставам твојот царски трон над Израел засекогаш, како што му реков на татко ти Давид, велејќи: ‚Никогаш нема да недостасува од тебе маж, кој седи на престолот Израелов.‘ Ако вие и синовите ваши отстапите од Мене и не ги пазите Моите заповеди и Моите уредби што сум ви ги дал, и ако тргнете и почнете да служите на други богови и да им се поклонувате, Јас ќе го истребам Израел од лицето на земјата што сум му ја дал, и храмот што сум го посветил на Моето име, ќе го отфрлам од лицето Свое, и Израел ќе стане за приказ и за подбивање кај сите народи. И за тој висок храм, секој што ќе мине покрај него, ќе се вџаши, ќе пот­свирне и ќе рече: ‚зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?‘ И ќе речат: ‚затоа што тие Го оста­вија Господ, својот Бог, Кој ги изведе татковците нивни од египетската земја, и се приврзаа кон други богови, им се поклонуваа и им служеа, – затоа Господ им го испрати ова зло!‘“

1 Царевите 9:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Соломон го доврши градењето на Господовиот Дом, на царскиот дворец и на сѐ што науми да гради, Господ му се јави и по вторпат на Соломона, како што му се јави во Гаваон. Господ му рече: „Ги послушав молитвата и просењето што Ми ги упати. Го посветив овој Дом, што го градеше за да престојува во него Моето Име довека; Моите очи и срцето ќе бидат тука секогаш. А ти, ако одиш пред Мене како што одеше твојот татко Давид, во невиноста на срцето и во праведност, ако постапуваш во сѐ како што ти заповедав, и ако ги пазиш Моите закони и Моите наредби, Јас ќе го зацврстам засекогаш твојот царски престол над Израел, како што му ветив на твојот татко Давид кога му реков: ‘Никогаш нема да ти снема наследник на Израелевиот престол.’ Но ако Ме оставите, вие и вашите синови, ако не ги пазите Моите заповеди и закони што ви ги дадов, ако се свртите кон боговите, и ако им служите и им се клањате, тогаш ќе го истребам Израел од земјата што му ја дадов; овој Дом, што му го посветив на Моето Име, ќе го отфрлам од Себе, и Израел ќе биде за презир и за потсмев на сите народи. Овој Дом е возвишен, ама сите кои што ќе поминуваат покрај него ќе бидат вчудоневидени; ќе свират со уста и ќе зборуваат: ‘Зошто Господ направи така со оваа земја и со овој Дом?’ А ќе им се рече: ‘Зашто Го оставија Господа, својот Бог, Кој ги изведе нивните татковци од Египет, а им се приклонија на други богови, ги честеа и им служеа, затоа Господ ги пушти сите овие зла врз нив.’“