Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 22:1-53

1 Царевите 22:1-53 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Изминаа три години, без војна меѓу Арам и Израел. На третата година јудејскиот цар Јосафат дојде кај израелскиот цар. Израелскиот цар им кажа на слу­гите свои: „Знаете ли дека Рамот во Га­лаад е наш? А ние толку долго молчиме и не го земаме од рацете на арамејскиот цар.“ И му рече на Јосафат: „Ќе појдеш ли со мене во војна против Рамот во Галаад?“ Јосафат му одговори на из­ра­ел­скиот цар: „Како што одиш ти, така и јас; како твојот народ, така и мојот на­род; како твоите коњи, така и моите.“ Јосафат уште му рече на израелскиот цар: „Прашај денес што ќе каже Господ.“ Израелскиот цар ги собра тогаш пророците – околу четиристотини души – и ги праша: „Да одам ли во војна против Рамот Галаадски, или не?“ Тие од­говорија: „Оди, Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Јосафат праша: „Нема ли тука уште некој пророк Господов, та преку него да Го прашаме Господ?“ Израелскиот цар му одговори на Јосафат: „Има уште еден човек, преку кого можеме да Го прашаме Господа, но јас не го сакам него, зашто не пророкува за мене добро, туку само зло, – тој е Михеј, синот на Јимла.“ Јосафат рече: „Царе, не говори така.“ Израелскиот цар повика еден дворјанин и рече: „Оди поскоро по Јимлае­виот син Михеј!“ Израелскиот цар и Јосафат, јудеј­скиот цар, седеа секој на своето се­диште, облечени во царска облека, на плоштадот пред портите на Самарија, и сите пророци пророкуваа пред нив. Ќенаановиот син Седекија си направи железни рогови и рече: „Вака вели Господ: со овие ќе ги бодеш Ара­мејците, додека да ги истребиш.“ И сите пророци го пророкуваа ис­тото, велејќи: „Оди против Рамот Га­лаадски; ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Гласникот, кој беше отишол да го повика Михеј, му рече: „Еве, зборовите на пророците едногласно му претска­жуваат добро на царот; и твојот збор нека биде согласен со зборот на секој од нив; искажи и ти добро.“ Михеј одговори: „Се колнам во Господ! Ќе го кажам она што ќе ми каже Господ.“ Кога дојде кај царот, овој го праша: „Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галаадски, или не?“ А тој му одговори: „Оди, ќе има успех; Господ ќе го предаде во рацете на царот.“ Тогаш царот му рече: „Пак ли да те заколнувам да не говориш ништо, освен вистината во името на Господ?“ Тој одговори: „Ги гледам сите Из­раелци распрснати по горите како овци, кои немаат пастир, зашто Господ рече: ‚господар немаат; секој нека се врати со мир во домот свој.‘“ Израелскиот цар му рече на Јоса­фат: „Нели ти реков дека тој не пророкува добро за мене, туку само лошо?“ А Михеј одговори и рече: „Не така, ислушај го словото Господово; Го видов Господ како седи на Својот пре­стол, и целата небесна војска стоеше по­крај Него десно и лево; и Господ рече: ‚Кој ќе го наговори Ахав да оди и да падне во Рамот Га­лаадски?‘ И еден велеше вака, а друг инаку; еден дух, пак, истапи, застана пред лицето на Господ и рече: ‚јас ќе го наго­ворам!‘ А Господ го праша: ‚Како?‘; Тој одговори: ‚ќе излезам и ќе ста­нам дух што лаже во устата на сите негови пророци.‘ Господ рече: ‚ти ќе го наговориш и ќе го исполниш тоа‘; оди и направи така. И, ете, Господ сега допушти лаж­лив дух во устата на сите тие твои пророци; но Господ искажа за тебе лошо.“ А Ќенаановиот син Седекија се доближи, го удри Михеј по устата, и рече: „Како, зар излезе од мене Духот Господов за да говори во тебе?“ Михеј одговори: „Ете, ти ќе го согледаш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од една соба во друга за да се сокриеш.“ Тогаш израелскиот цар рече: „Зе­мете го Михеј и одведете го кај заповед­никот на градот Амон и кај царскиот син Јоас. И кажете: вака вели царот: ‚Затворете го овој во темницата и хра­нете го со малку леб и вода, додека не се вратам со мир.‘“ А Михеј рече: „Ако се вратиш со мир, тогаш Господ не зборувал преку мене.“ И рече: „Чујте, сите луѓе!“ Потоа израелскиот цар и Јосафат, јудејскиот цар, тргнаа за Рамот во Галаад. Израелскиот цар му рече на Јоса­фат: „Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи си ги царските алишта.“ И израелскиот цар се преоблече и влезе во борба. А арамејскиот цар им заповеда на заповедниците над колите, на број беа триесет и двајца, велејќи: „Не бијте се ниту со мал, ниту со голем, туку само со израелскиот цар.“ Заповедниците над колите кога го видоа Јосафат, помислија, бездруго, тоа е израелскиот цар, и се свртеа против него за да се удрат со него. Но Јосафат почна да вика. И заповедниците на бојните коли, кога видоа дека тој не е израелскиот цар, се иставија од него. А еден човек случајно го запна лакот и го рани израелскиот цар низ шевовите на оклопот. А царот му рече на својот колар: „Врти назад и извади ме од војската, бидејќи сум ранет.“ Но во тој ден борбата се засили, и царот стоеше во колата спроти Ара­мејците, а вечерта умре; крвта од раката се слеваше по колата. И кај зајдисонце беше објавено по целиот логор: секој да си оди во градот свој, секој – во земјата своја. Така умре царот и беше донесен во Самарија, и го погребаа царот во Самарија. Колата ја измија на самарјанскиот извор, каде што се миеја блудниците, и кучињата ја лижеа крвта негова, според словото на Господ, што Тој го изрече. Другите дела на Ахав и сѐ што бе­ше направил, и куќата од слонова коска што ја изгради, и сите градови што ги изгради, се опишани во летописите на израелските цареви. Ахав почина кај татковците свои, а место него стана цар синот негов Охо­зија. Јосафат, синот на Аса, стана цар над Јудеја во четвртата година од вла­деењето на израелскиот цар Ахав. Јосафат беше на триесет и пет години, кога стана цар, и царуваше во Еру­салим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, ќерка на Шилхиј. Во сѐ тој врвеше по патот на својот татко Аса, не се отклонуваше од него, правејќи го она што е правилно пред очите на Господ; но не ги отстрани жртвениците на идолите, а народот сѐ уште принесуваше жртви и кадеше на тие жртвеници. Јосафат склучи мир со израелскиот цар. Јосафат склучи мир со израелскиот цар. Другите дела на Јосафат и подви­зите негови што ги изврши, и како војувал, се опишани во летописите на јудејските цареви. И сите блудници што беа останале од времето на татко му Аса, тој ги ис­треби од земјата. Во Едом тогаш немаше цар; имаше царски намесник. Царот Јосафат изгради кораби од таршишки тип на морето за да оди во Офир по злато; но тие не стигнаа до таму, бидејќи се разбија во Ецјон-Ге­вер. Тогаш Охозија, синот на Ахав, му рече на Јосафат: „Нека одат моите слуги со твоите слуги на корабите“, но Јосафат не сакаше. Јосафат почина кај своите татковци, и беше погребан кај своите предци во градот на неговиот татко Давид. Не­го го наследи неговиот син Јорам. Охозија, синот на Ахав, почна да владее над Израел во седумдесеттата година од царувањето на Јосафат над Јудеја. Тој царуваше две години над Израел. Но, тој правеше зло пред очите на Господ, и одеше по патот на својот татко и на својата мајка и по патот на Јеровоам, синот на Нават, кој го наведе Израел на грев.

1 Царевите 22:1-53 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Мирот владееше три години; немаше војна меѓу Арамејците и Израел. Во третата година Јосафат, јудејскиот цар, го посети израелскиот цар. Царот на Израел им рече на своите дворјанци: „Знаете ли дека Галадскиот Рамот е наш? А ние не преземаме ништо да го одземеме од рацете на арамејскиот цар.“ Потоа му рече на Јосафата: „Сакаш ли да тргнеш со мене против Галадскиот Рамот?“ Јосафат му одговори на израелскиот цар: „Јас сум како и ти, мојот народ како и твојот, моите коњи како и твоите.“ Тогаш Јосафат му рече на израелскиот цар: „Де посоветувај се најнапред со Господа.“ Тогаш израелскиот цар собра околу себе си четири стотини пророци и ги праша: „Можам ли да завојувам против Галадскиот Рамот или да се откажам од тоа?“ Тие одговорија: „Оди, зашто Господ ќе му го предаде во рацете на царот.“ Ама Јосафат праша: „Има ли тука уште некој Господов пророк, за да го прашаме и него?“ Израелскиот цар му одговори на Јосафата: „Има уште еден човек преку кого би сме можеле да Го прашаме Господа, ама не го поднесувам, зашто не ми пророкува ништо добро, туку само зло; тоа е Михеј, синот Емлин.“ А Јосафат рече: „Царот нека не зборува така!“ Тогаш израелскиот цар повика еден дворјанец и му рече: „Побргу доведи го Михеј, синот Емлин.“ Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат седеа секој на својот престол, во свечени облеки пред Самариската Врата, а пророците пророкуваа пред нив. Хананииниот син Седекиј си направи железни рогови и рече: „Господ зборува вака: ‘Со нив ќе ги набодеш сите Арамејци додека не ги уништиш.’“ Така и сите други пророци пророкуваа, говорејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, и ќе успееш: Господ ќе му го предаде во рацете на царот.“ Гласникот кој отиде да го повика Михеја му рече: „Ене, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!“ Ама Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе го зборувам она што Господ ќе ми каже!“ Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот, или да се откажам од тоа?“ Тој одговори: „Појди! ќе успееш: Господ ќе го предаде во царевите раце.“ Ама царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш само вистината во Господово Име?“ Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат во мир дома.’“ Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро туку зло!“ А Михеј рече: „Затоа чуј го Господовото слово: Го видов Господа каде седи на Својот престол, а сета небеска војска Му стоеше оддесно и одлево. Господ праша: ‘Кој ќе го заведе Ахава за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Едниот рече ова, другиот она. Тогаш, еден дух влезе и застана пред Господа: ‘Јас - рече - ќе го заведам.’ Господ го праша: ‘Како?’ Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’ Еве, така е, Господ стави лажлив дух во устата на сите овие твои пророци, ама Господ ти навестува зло.“ Тогаш Хананииниот син Седекиј пристапи, го удри Михеја по образот и рече: „Зар Господовиот дух ме напушти мене за да зборува со тебе?“ Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба за да се скриеш.“ Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете им го на градскиот заповедник Амон и на царскиот син Јоас. Речи им: „Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам среќно.“‘“ Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене.“ И додаде: „Чујте сите луѓе!“ Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат, тргнаа против Галадскиот Рамот. Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бојот, но ти остани во твојата облека!“ Израелскиот цар се преоблече и тргна во бој. Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на воените коли: „Не напаѓајте ни на мал ни на голем, туку единствено на израелскиот цар!“ Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!“ И тргнаа во бој кон него. А Јосафат извика. А кога заповедниците на бојните коли видоа дека тој не е израелскиот цар, се свртија од него. Еден без размислување го оптегна лакот и го погоди со стрелата израелскиот цар меѓу набраницата на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Заврти, извади ме од бојот, зашто не ми е добро.“ Во оној ден бојот беше сѐ пожесток, ама царот се држеше исправено во бојната кола спрема Арамејците. А навечер умре. Крвта од раната се излеа по колата. При зајдисонце екна глас низ логорот: „Секој во својот град и секој во својата земја! Царот загина!“ Отидоа во Самарија и го закопаа царот во Самарија. Ја измија неговата кола во Самарискиот Рибник, и кучињата ја лижеа неговата крв, и блудници се капеа таму, според словото што Господ го рече. Другите Ахавови дела, сѐ што направил, за куќата од слонова коска, за сите градови што ги изгради, зар сѐ тоа не е во книжниот свиток Летописи на израелските цареви? Ахав почина со своите татковци, и неговиот син Охозиј зацари место него. Јосафат, синот Асин, стана цар на Јудеја во четвртата година на царувањето на Ахав, израелскиот цар. Јосафат беше на триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева. Одеше сосем по патот на својот татко Аса, не свртувајќи од него, туку правејќи сѐ што е право во Господовите очи. Само, високите места не беа отстранети, народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Јосафат беше во мир со израелскиот цар. Другата Јосафатова повест, потфатите што ги извршил и како војуваше, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви? Ги истреби од земјата останатите изопачени мажи (содомисти), кои се одржаа од времето на неговиот татко Аса. Немаше цар во Едом, туку владееше намесник. Царот Јосафат изгради тарсиски бродови за да оди во Офир по злато, ама не отиде, зашто бродовите се разбија кај Есион Гавер. Тогаш Охозиј, синот Ахавов, му рече на Јосафата: „Моите слуги нека тргнат со твоите слуги на бродовите.“ Ама Јосафат не го прифати тоа. Јосафат почина со своите татковци, и беше погребан во градот на Давида, својот прататко. На негово место се зацари неговиот син Јорам. Охозиј, синот Ахавов, стана цар на Израел во Самарија, во седумнаесеттата година на Јосафатовото царување во Јудеја, и царуваше две години над Израел. Тој правеше што е зло во Господовите очи, и одеше по патот на својот татко и по патот на својата мајка, и по патот на Јеровоам, синот Наватов, кој го наведуваше Израел на грев. Му служеше на Ваала и му се поклонуваше. Го разгневуваше Господа, Израелевиот Бог, сосем онака како што правеше неговиот татко.