Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 21:20-29

1 Царевите 21:20-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ахав му рече на Илија: „Ти ме најде, мој непријателе!“ Тој рече: „Те најдов, бидејќи ти се продаде за да пра­виш злодела пред очите на Господ и да Го гневиш. Вака вели Господ: ете, ќе ти испра­там казна, ќе го уништам твоето потомство, истребувајќи откај Ахав сѐ што е машко – и оној што е роб, и оној што е слободен во Израел; и ќе постапам со твојот дом така, како што постапив со домот на Нава­товиот син Јеровоам и со домот на Ахиевиот син Баша, за наскрбувањето, со што ти ме раздразни и го наведе во грев Израел.“ И за Језавела Господ рече: „Кучи­њата ќе ја изедат Језавела зад јизреелските ѕидови; и кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, него кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, него птиците небески ќе го исколваат; уште немало таков како Ахав, кој се продаде за да прави злодела пред очите на Господ, бидејќи така го наговараше жена му Језавела; тој постапуваше многу гнасно, сле­дејќи ги идолите, како што правеа Амо­рејците, кои Господ, ги изгони од пред лицето на Израеловите синови.“ Откако ги ислуша сите тие зборови, Ахав тажеше пред Господ, одеше пла­чејќи, ја раскина облеката своја, го покри телото свое со вреќиште, посте­ше и спиеше во вреќиште и одеше на­жален. И дојде слово Господово кон Илија од Тишбе. И Господ рече: „Виде ли, се понижи Ахав пред Мене? Затоа што така се понижи пред Мене, Јас нема да му испратам зло во неговите дни, туку во дните на синот негов ќе пратам зло врз неговиот дом.“

1 Царевите 21:20-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ахав му рече на Илија: „Ме најде ли, непријателу мој?“ Илија одговори: „Те најдов, зашто си се продал да правиш што е зло во очите на Господа. ’Еве, тукушто не навлеков несреќа врз тебе. Ќе го изметам твоето потомство, ќе му ги истребам на Ахава: сѐ што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел. Ќе направам со твојата куќа како со куќата на Јеровоам, синот Наватов и со куќата на Васа, синот Ахиин, зашто ме расрди и го наведе Израел на грев.’ И над Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела во Езраелското Поле.’ Кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, ќе го изедат небеските птици.“ Навистина, никој не се продаде така како Ахав за да прави што е зло во Господовите очи, зашто го заведуваше неговата жена Језавела. Правеше мошне одвратни дела: одеше по идолите токму како што правеа Аморејците, кои што Господ ги протера пред Израелците. Кога Ахав ги чу тие зборови, ги раскина своите облеки и стави вреќиште на телото; и постеше, и спиеше во вреќиштето и одеше наоколу претпазливо. Тогаш му дојде Господовото слово на Тесвиецот Илија: “Виде ли како Ахав се понижи пред Мене? Бидејќи така се понижи пред Мене, не ќе го пуштам злото за време на неговиот живот; ќе го пуштам злото во времето на неговиот син врз неговата куќа.“