Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 18:30-46

1 Царевите 18:30-46 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се до мене.“ И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов. И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што е бројот на племињата на синовите на Јаков, кому Господ му беше рекол вака: „Израел ќе биде твоето име.“ И изгради од тие камења жртвеник во името на Господ, а околу жртве­никот направи окоп што собираше две сеи зрна за да се посеат, и постави дрва врз жртвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата, и рече: „Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!“ И направија така. Потоа рече: „Повторете!“ И тие повторија. Тогаш рече: „Направете го тоа по третпат.“ И тие го направија и по третпат. И водата се разлеа околу жртве­никот, а окопот се наполни со вода. Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, и рече: „Господи, Боже Авраамов, Иса­ков и Израелов! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе дека си Ти единствен Бог во Из­раел, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно.“ И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата што беше во окопот. Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: „Господ е Бог, Господ е Бог!“ Тогаш Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, та ниеден од нив да не се сокрие.“ Ги фатија, а Илија ги одведе кај потокот Кишон и таму ги закла. Илија му рече на Ахав: „Оди, јади и пиј, зашто се слуша шум од дожд.“ Ахав отиде да јаде и да пие, а Илија се искачи на врвот од Кармил, се наведна кон земјата, го стави лицето меѓу колениците свои и му рече на слугата свој: „Оди и погледни кон морето.“ Тој отиде, по­гледна и рече: „Ништо нема.“ Тој пак рече: „Направи го тоа седумпати.“ На седмиот пат слугата рече: „Ете од морето се крева мало облаче, колку човечка дланка.“ Тој му рече: „Оди, ка­жи му на Ахав: ‚впрегни ја колата своја и тргнувај за да не те испревари дож­дот.‘“ Во тоа време небото потемне од облаци и виор, и почна да паѓа силен дожд. Ахав тогаш седна во колата, и тргна за Јизреел. А раката Господова беше врз Или­ја. Тој го препаша крстот свој и трчаше пред Ахав дури до Јизреел.

1 Царевите 18:30-46 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се кон мене!“ И сиот народ му се приближи. Тој го поправи Господовиот жртвеник што беше урнат. Илија зеде дванаесет камења според бројот на племињата на синовите на Јакова, кому Бог му рече: „Твоето име ќе биде Израел!“ И му изгради од тие камења жртвеник на Господовото Име, и ископа ров околу жртвеникот, широк за да можат да се посеат две мери пченица. Сложи дрва, го расече јунецот и го стави врз дрвата. Тогаш рече: „Наполнете со вода четири врчви и излејте ги врз паленицата и на дрвата!“ Направија така. Им заповеда: „Повторете,“ и тие повторија. Тогаш рече: „Направете и по третпат.“ Тие така и по третпат. Водата течеше околу жртвеникот и ровот се наполни со вода. Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сѐ ова. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.“ И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши. Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!“ Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!“ И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби. Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.“ Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената. Потоа му рече на својот момок: „Оди горе и погледај кон морето.“ Тој отиде горе, погледна и рече: „Тука нема ништо!“ Илија одговори: „Врати се седум пати.“ Но на седмиот пат момокот рече: „Ене облак, мал како човечка дланка, се дига од морето.“ Тогаш Илија рече: „Оди, кажи му на Ахава: ‘Впрегнувај и слегувај за да не те фати дождот.’“ Одеднаш небото се смрачи од облаци и виор, и падна силен дожд. Ахав се качи во колата и отиде во Езраел. Господовата рака беше над Илија, та тој, откако се препаша, отрча пред Ахава сѐ до во близината на Езраел.