1 Царевите 18:30-39
1 Царевите 18:30-39 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се до мене.“ И сиот народ се приближи до него. Тој, пак, го подигна урнатиот жртвеник Господов. И зеде Илија дванаесет камења, токму колку што е бројот на племињата на синовите на Јаков, кому Господ му беше рекол вака: „Израел ќе биде твоето име.“ И изгради од тие камења жртвеник во името на Господ, а околу жртвеникот направи окоп што собираше две сеи зрна за да се посеат, и постави дрва врз жртвеникот, го расече телето, го стави врз дрвата, и рече: „Наполнете четири ведра вода и поливајте ја жртвата сепаленица и дрвата!“ И направија така. Потоа рече: „Повторете!“ И тие повторија. Тогаш рече: „Направете го тоа по третпат.“ И тие го направија и по третпат. И водата се разлеа околу жртвеникот, а окопот се наполни со вода. Кога ја принесуваа вечерната жртва, пророкот Илија се приближи, и рече: „Господи, Боже Авраамов, Исаков и Израелов! Чуј ме, Господи, чуј ме денес во огнот! Нека познаат денес овие луѓе дека си Ти единствен Бог во Израел, и дека јас сум Твој слуга и дека извршив сѐ според Твоето слово. Чуј ме, Господи, чуј! Нека познае овој народ дека Ти, Господи, си Бог и Ти ќе го свртиш срцето нивно.“ И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата, и дрвата, и камењата и земјата, и ја голтна водата што беше во окопот. Кога го виде тоа, сиот народ падна ничкум и рече: „Господ е Бог, Господ е Бог!“
1 Царевите 18:30-39 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се кон мене!“ И сиот народ му се приближи. Тој го поправи Господовиот жртвеник што беше урнат. Илија зеде дванаесет камења според бројот на племињата на синовите на Јакова, кому Бог му рече: „Твоето име ќе биде Израел!“ И му изгради од тие камења жртвеник на Господовото Име, и ископа ров околу жртвеникот, широк за да можат да се посеат две мери пченица. Сложи дрва, го расече јунецот и го стави врз дрвата. Тогаш рече: „Наполнете со вода четири врчви и излејте ги врз паленицата и на дрвата!“ Направија така. Им заповеда: „Повторете,“ и тие повторија. Тогаш рече: „Направете и по третпат.“ Тие така и по третпат. Водата течеше околу жртвеникот и ровот се наполни со вода. Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сѐ ова. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.“ И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши. Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!“