1 Царевите 18:15-24
1 Царевите 18:15-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Тогаш Илија му рече: „Ти се колнам во живиот Господ Саваот, пред Кого стојам, денес ќе му се јавам!“ Авдија отиде да го пресретне Ахав и му јави, и Ахав отиде да го пресретне Илија. Штом Ахав го виде Илија, му рече: „Ти ли си оној што му носи неволји на Израел?“ Илија му одговори: „Јас не му донесувам неволји на Израел, туку ти и татковиот дом твој, бидејќи ги презревте Господовите заповеди и врвите по Вааловците; сега испрати и собери го пред мене сиот Израел на гората Кармил, и четиристотините и педесет Ваалови пророци и четирите стотини пророци на божицата Ашера што се хранат од трпезата на Језавела.“ И Ахав испрати до сите Израелови синови и ги собра сите пророци на гората Кармил. Тогаш Илија пристапи кон сиот народ и рече: „Уште ли ќе куцате на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако пак е Ваал – одете по него.“ А народот не му одговори ни збор. И му рече Илија на народот: „Само јас останав пророк Господов, а Ваалови пророци има четиристотини и педесет. Нека ни дадат две телиња и нека си изберат едно теле, и да го расечат и стават врз дрва, но оган да не потпалуваат; јас, пак, ќе го приготвам другото теле и ќе го ставам врз дрва, и оган нема да потпалувам; тогаш повикајте го името на вашиот бог, јас, пак, ќе го повикам името на Господ, мојот Бог. Оној Бог, Кој ќе одговори преку оган, Тој е Бог.“ И сиот народ одговори и рече: „Добро, нека биде така!“
1 Царевите 18:15-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.“ Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија. Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?“ Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала. Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,“ кои јадат покрај трпезата на Језавела.“ Ахав ги повика сите Израелеви синови и ги собра пророците на гората Кармил. Илија му пристапи на сиот народ и рече: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Господ Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него.“ А народот не му одговори ништо. Илија продолжи: „Единствено уште јас останав како Господов пророк, а Вааловите пророци се четири стотини и педесет. Дајте ни два јунци. Тие нека си изберат еден за себе, нека го исечат и нека го стават на дрва, ама нека не потклаваат оган. Вие повикајте го името на својот бог, а јас ќе го повикам Гоподовото Име: богот кој ќе одговори со оган е вистински Бог.“ Сиот народ одговори: „Добро!“