Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Јован 4:1-17

1 Јован 4:1-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци. Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога. Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот. Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе. Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша. Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, не слушаат, а тие што не се на Божја страна, не не слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата. Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога. Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов. Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него. Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови. Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг. Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас. Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас. Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот. Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога. Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него. Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него. Ако искрено се сакаме и ако живееме онака како што живееше Исус, нема причина да се плашиме од Судниот ден.

1 Јован 4:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. По ова распознавајте Го Божјиот Дух: секој дух што признава дека Исус Христос дошол во тело, од Бога е. А секој дух, што не признава дека во тело дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на Антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот. Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е поголем од оној што е во светот. Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, а светот ги слуша. Ние сме од Бога. Кој Го познава Бога, нѐ слуша нас; кој не е од Бога, нас не нѐ слуша. По тоа и го познаваме Ду­хот на вистината и духот на заблудата. Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога; кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Сво­јот Единороден Син за да живееме пре­ку Него. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го возљубивме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши. Возљубени, кога така нѐ возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љу­биме еден со друг. Бога никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас. Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спа­си­тел на светот. Кој исповеда дека Исус е Син Божји, во него пребива Бог, и тој – во Бога. И ние ја познавме љубовта, која Бог ја има кон нас; и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него. Љубовта во нас се усовршува затоа за да имаме смелост на судниот ден; бидејќи, како што е Тој, така сме и ние во овој свет.

1 Јован 4:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите - дали се од Бога, зашто многу лажни пророци излегоа во светот. По ова познавајте го Духот на Бога: секој дух кој исповедува дека Исус Христос дојде во тело, од Бога е; а секој дух кој не исповедува дека Исус Христос дојде во телото, не е од Бога; тоа е духот на антихристот, за кого сте чуле дека иде, и сега е веќе во светот. Вие сте од Бога, дечиња, и вие ги победивте, зашто е поголем Оној, Кој е во вас, отколку оној, кој е во светот. Тие се од светот, затоа зборуваат светски и светот ги слуша. Ние сме од Бога, кој Го познава Бога нѐ слуша нас; кој не е од Бога не нѐ слуша нас. По тоа го познаваме духот на вистината и духот на заблудата. Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога. А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов. Во тоа ни се откри Божјата љубов, кон нас, што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него. Љубовта е во ова: не дека ние сме Го возљубиле Бога, туку Тој нѐ возљуби нас и Го испрати Својот Син како жртва помирница за нашите гревови. Возљубени, ако Бог нѐ возљуби така, и ние треба да се љубиме еден со друг. Бога никој никогаш не Го видел; ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас. По тоа познаваме дека остануваме во Него и Тој во нас, што ни дал од Својот Дух. И ние гледавме и сведочевме дека Бог Таткото Го испрати Синот како Спасител на светот. Ако некој исповеда дека Исус е Син Божји, Бог останува во него и тој во Бога. И ние ја запознавме и верувавме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него. Љубовта во нас дојде до совршенство во тоа: ние да имаме смелост во Судниот Ден, зашто каков е Тој, такви сме и ние во светов.