Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Јован 3:17-24

1 Јован 3:17-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Како може некој да тврди дека ја има Божјата љубов, ако има световни богатства и гледа дека некој од христијаните е во материјална невола, а тој не сака да му помогне? Чеда Божји, треба вистински да се сакаме, не само на зборови, туку на дело, со нашите постапки во секојдневниот живот. Така ќе знаеме дека сме на страната на вистината, и ќе ја имаме неопходната увереност кога ќе застанеме пред Бог. Па и кога нашата совест не обвинува, да не забораваме дека Бог е над нашата совест и дека Тој знае се. Драги мои, кога имаме чиста совест можеме да пристапиме пред Бог со увереност. Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја. А Божјата заповед е да веруваме во Неговиот Син Исус Христос и да се сакаме еден со друг. Така ни заповеда и Исус. Оние што се придржуваат до Божјите заповеди живеат во нераскинливо заедништво со Бог и Тој трајно живее во нив. Како знаеме дека Бог живее во нас? Доказ за тоа е Светиот Дух што ни го даде Христос.

1 Јован 3:17-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ако некој има световни блага, па кога ќе го види својот брат во не­маш­ти­ја, та го затвори срцето свое од него – како тогаш ќе може да остане во таков Божјата љубов? Чеда мои, да не се сакаме со зборо­ви или со јазик, туку со дела и вистина! И по тоа ќе знаеме дека сме од вис­тината, и пред Него ќе го увериме своето срце; бидејќи, ако срцето наше нѐ осуди, Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ. Возљубени, кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога, и, што и да побараме, добиваме од Него, бидејќи ги чуваме Неговите за­по­веди и правиме што е благоугодно пред Него. А заповедта Негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. И оној, што ги чува заповедите Не­гови, пребива во Него, и Тој – во него. А дека Тој пребива во нас, знаеме по Ду­хот што ни Го дал.

1 Јован 3:17-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А кој има светски блага и го види брата си во немаштина, па го затвори своето срце кон него, како ќе остане Божјата љубов во него? Дечиња мои, да не љубиме со зборови или само со јазикот, туку во дело и вистина. По тоа ќе познаеме дека сме од вистината, па ќе ги увериме своите срца пред Него, зашто кога нашето срце нѐ осудува, Бог е поголем од нашето срце и знае сѐ. Возљубени, ако срцето не нѐ осудува, имаме смелост пред Бога, и што и да Го замолиме, примаме од Него, зашто ги пазиме Неговите заповеди и правиме што е благоугодно пред Него. А Неговата заповед е оваа: да веруваме во името на Неговиот Син Исус Христос и да се љубиме еден со друг, како што ни заповедал. И кој ги пази Неговите заповеди, останува во Него и Тој - во него. И по тоа знаеме дека Тој останува во нас: по Духот Кого ни Го дал.