1 Јован 2:18-27
1 Јован 2:18-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха. Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа вистински дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи не, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас. Но вие сте просветлени од Светиот Дух и се ви е јасно. Не ви пишувам како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја познавате и знаете дека од вистината не може да произлезе никаква лага. Значи, кој е лажливец? Секој што тврди дека Исус не е Месијата! Тие луѓе се антихристи и не Го прифаќаат ниту небесниот Татко, ниту Синот - Исус. Секој што не го прифаќа Синот покажува дека не го прифаќа ни Таткото. А секој што го признава Синот во исто време Го признава и Таткото. Вие, пак, придржувајте се до тоа што го слушнавте на почетокот. Ако се придржувате до тоа што го чувте на почетокот, ќе бидете во единство со Синот и со Таткото. А Тој ни вети вечен живот. Ова ви го пишувам зашто има луѓе што се обидуваат да ве заведат. Што се однесува до вас, вие сте просветлени од Светиот Дух и, се додека Тој Дух живее во вас, нема потреба никој да ве учи за тоа што е вистина, а што не. Светиот Дух ве учи за се, и се што Тој ве учи е вистина, а не лага. Држете се до Него и до она што Тој ве научи.
1 Јован 2:18-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Чеда, последен час е. И како што сте слушале дека ќе дојде Антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час. Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но излегоа, за да биде јасно дека не се сите наши. А вие имате помазание од Светиот, и сите тоа го знаете. Не ви пишав дека не ја знаете вистината, туку затоа што ја знаете и затоа што знаете дека ниедна лага не доаѓа од вистината. Кој е лажливец, ако не оној, што порекнува дека Исус е Христос? Антихрист е тој што Ги порекнува Отецот и Синот. Секој што Го порекнува Синот, Го нема ниту Отецот; а кој Го признава Синот, Го има и Отецот. И така, сѐ што чувте во почетокот, тоа и нека остане кај вас; ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот. А ова е ветувањето што ни го вети Тој: вечниот живот. Тоа ви го пишав поради оние што ве мамат. А вие, помазанието што го примивте од Него, останува во вас, и немате потреба некој да ве поучува; но бидејќи Неговото помазание ве учи на сѐ, и е вистинито, и не е лага, затоа останете во Него онака како што ве научило тоа.
1 Јован 2:18-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Деца, последен час е; и, како што сте чуле дека антихрист иде, така сега се подигнаа многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час. Од нас излегоа, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас, туку требаше да се покаже дека не се сите од нас. А вие имате помазание од Светиот и знаете сѐ. Не ви пишав како да не ја знаете вистината, туку зашто ја знаете и зашто ниедна лага не е од вистината. Кој е лажецот, ако не оној, кој одречува дека Исус е Христос? Ова е антихрист - кој ги одречува Таткото и Синот. Секој, што Го одречува Синот Го нема ни Таткото; кој Го исповедува Синот, Го има и Таткото. Што чувте од почетокот тоа да остане во вас. Ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и Таткото. А ова е ветувањето што Тој ви го вети: вечен живот. Ова ви го пишав заради оние, кои ве заведуваат. А вие, во вас останува помазанието што го примивте од Него и не е потребно некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве учи за сѐ, и е вистинско и не е лага, и како што ве научи, така останете во Него.