Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Јован 2:1-29

1 Јован 2:1-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Чеда Божји, ова ви го пишувам за да не грешите. Но, ако некој од вас направи грев, Го имаме праведниот Исус Христос, Кој се застапува за нас пред небесниот Татко. Тој е помирителната жртва што се принесе за нашите гревови, и не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет. По што ќе се знае дека сме Божји луѓе? По тоа што ќе се придржуваме до Неговите заповеди! Оној што тврди дека е Божји човек, а не се придржува до Неговите заповеди, тој лаже и само покажува дека вистината не е во него. Само тој што се придржува до Неговото Слово има совршена љубов спрема Бог, и по тоа ќе се знае дека сме Божји луѓе. Оној што тврди дека е Божји човек, треба да го следи примерот на Исус. Драги мои, јас не ви пишувам за да ви дадам некаква нова заповед. Ова е стара заповед што ви беше дадена уште од самиот почеток. Таа стара заповед - да имаме љубов еден спрема друг - е истата порака што ја чувте отпорано. Сепак, таа заповед на некој начин е и нова, зашто нејзината вистинска смисла може да се согледа дури сега во Исус и во вас. Погледнете, темнината исчезнува, а вистинската светлина веќе свети! Оној што тврди дека е на страната на светлината, а ги мрази другите христијани, тој се уште е на страната на темнината. Оној што ги сака другите христијани, навистина живее во светлината и кај него нема ништо што би можело некого да наведе на грев. Оној што ги мрази другите христијани е на страната на темнината, низ црна темнина оди и не знае каде ќе стигне, зашто темнината му ги заслепува очите. Ви пишувам вам, чеда Божји, бидејќи вашите гревови се простени благодарејќи Му на Исус Христос. Ви пишувам вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви пишувам вам, млади луѓе, бидејќи ја добивте битката против Злиот. Ви напишав вам, деца, бидејќи вие Го спознавте Таткото. Ви напишав вам, родители, бидејќи вие Го знаете Христос, Оној што постои уште од самиот почеток. Ви напишав вам, млади луѓе, вие сте силни, зашто Божјото Слово живее во вас и вие ја добивте битката против Злиот. Немојте да го сакате овој свет и она што тој ви го нуди, зашто ако го сакате овој свет, во вас нема љубов спрема небесниот Татко. Тоа што го нуди светот: телесните похоти, желбата да се има се што ќе се види, гордоста заради богатството што се поседува - не е од небесниот Татко, туку од овој свет. А овој свет и световните похоти се краткотрајни; само оној што ја исполнува Божјата волја останува вечно. Чеда Божји, се одигрува последниот час! Сте слушнале дека ќе дојде Антихристот, но веќе сега има многу антихристи и по тоа знаеме дека настапува последната епоха. Тие луѓе излегоа од нас, но никогаш не беа навистина дел од нас. Да беа вистински дел од нас, со нас и ќе останеа. Напуштајќи не, тие покажаа дека ниту еден од нив не бил дел од нас. Но вие сте просветлени од Светиот Дух и се ви е јасно. Не ви пишувам како да не ја знаете вистината, туку затоа што ја познавате и знаете дека од вистината не може да произлезе никаква лага. Значи, кој е лажливец? Секој што тврди дека Исус не е Месијата! Тие луѓе се антихристи и не Го прифаќаат ниту небесниот Татко, ниту Синот - Исус. Секој што не го прифаќа Синот покажува дека не го прифаќа ни Таткото. А секој што го признава Синот во исто време Го признава и Таткото. Вие, пак, придржувајте се до тоа што го слушнавте на почетокот. Ако се придржувате до тоа што го чувте на почетокот, ќе бидете во единство со Синот и со Таткото. А Тој ни вети вечен живот. Ова ви го пишувам зашто има луѓе што се обидуваат да ве заведат. Што се однесува до вас, вие сте просветлени од Светиот Дух и, се додека Тој Дух живее во вас, нема потреба никој да ве учи за тоа што е вистина, а што не. Светиот Дух ве учи за се, и се што Тој ве учи е вистина, а не лага. Држете се до Него и до она што Тој ве научи. А сега, чеда Божји, останете во единство со Христос, за да не се посрамиме при Неговото повторно доаѓање, туку да излеземе пред Него со крената глава. Знаете дека Исус е праведен, затоа треба да знаете дека секој што постапува праведно е Божјо чедо.

1 Јован 2:1-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Хрис­тос, Праведникот; а Тој е жртва за измирување за на­шите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет. По тоа знаеме дека сме Го познале, кога ги чуваме Неговите заповеди. Кој вели: „Го познав“, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина; а кој го пази словото Негово, во него Божјата љубов навистина е совршена: по тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој. Возљубени, не ви пишувам нова за­повед, туку старата заповед, што ја имавте од почетокот. Старата заповед е словото, што го чувте од почетокот. А сепак, нова заповед ви пишувам – нешто што е вистина и во Него и во вас; зашто темнината одминува, а вистинската светлина веќе свети. Кој вели дека е во светлина, а го мрази братот свој, тој е сѐ уште во тем­нина. Кој го сака својот брат, тој е во светлина и во него нема соблазна. А кој го мрази братот свој, тој се наоѓа во темнина, и во темнина оди, и не знае ни каде оди, бидејќи темнината му ги ослепила очите негови. Ви пишувам, чеда, дека заради Неговото име ви се простени гревовите. Ви пишувам вам, татковци, зашто Го спознавате Оној Кој е од почеток; ви пишувам, вам, момчиња, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав вам, чеда, бидејќи го познавте таткото. Ви напишав, вам, татковци, бидејќи Го познавте Оној Кој е од почеток; ви напишав вам, момчиња зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот. Не љубете го светот и сѐ што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот е минлив и похотите него­ви, а оној што ја извршува волјата Бож­ја, останува довека. Чеда, последен час е. И како што сте слушале дека ќе дојде Антихрист, и сега веќе се појавија многу антихристи; од тоа разбираме дека е последниот час. Тие излегоа од нас, но не беа наши; бидејќи ако беа наши, ќе останеа со нас; но излегоа, за да биде јасно дека не се сите наши. А вие имате помазание од Светиот, и сите тоа го знаете. Не ви пишав дека не ја знаете вис­тината, туку затоа што ја знаете и затоа што знаете дека ниедна лага не доаѓа од вистината. Кој е лажливец, ако не оној, што порекнува дека Исус е Христос? Анти­христ е тој што Ги порекнува Отецот и Синот. Секој што Го порекнува Синот, Го нема ниту Отецот; а кој Го признава Синот, Го има и Отецот. И така, сѐ што чувте во почетокот, тоа и нека остане кај вас; ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе пребивате во Синот и во Отецот. А ова е ветувањето што ни го вети Тој: вечниот живот. Тоа ви го пишав поради оние што ве мамат. А вие, помазанието што го при­мив­те од Него, останува во вас, и немате потреба некој да ве поучува; но бидејќи Неговото помазание ве учи на сѐ, и е вистинито, и не е лага, затоа останете во Него онака како што ве научило тоа. И така, чеда, останете во Него, та, кога ќе се јави Тој, да имаме смелост и да се не посрамиме од Него кога ќе дојде. Кога знаете дека Тој е праведен, знајте го и тоа дека секој, кој врши правда, е роден од Него.

1 Јован 2:1-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не згрешите; и ако некој згреши, имаме Бранител при Таткото: Исуса Христа, Праведникот. Тој е жртва помирница за нашите гревови; не само за нашите, туку и за гревовите на целиот свет. И по тоа знаеме дека сме Го познале, ако ги пазиме Неговите заповеди. Кој вели: „Го познав“, а не ги пази Неговите заповеди, лажец е и вистината не е во него. А кој го пази Неговото слово, во него, навистина, љубовта кон Бога стигнала до совршенство. По тоа знаеме дека сме во Него. Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој. Возљубени, не ви пишувам нова заповед, туку старата заповед, што ја примивте од почеток; старата заповед е словото, што сте го чуле. Но сепак ви пишувам нова заповед; - и тоа е вистинско и во Него и во вас - зашто темнината поминува, а вистинската светлина веќе свети. Кој вели дека е во светлината, а го мрази својот брат, тој е досега во темнината. Кој го љуби својот брат останува во светлината и во него нема соблазан. А кој го мрази својот брат во темнината е и во темнината оди, и не знае каде оди, зашто темнината му ги заслепила очите. Ви пишувам, дечиња, зашто ви се простени гревовите, заради Неговото име. Ви пишувам, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почетокот; ви пишувам вам, млади, зашто го победивте лукавиот. Ви напишав, дечиња, зашто Го познавте Таткото. Ви напишав, татковци, зашто Го познавте Оној, Кој е од почеток. Ви напишав, млади, зашто сте силни и зашто Божјото слово пребива во вас и зашто го победивте лукавиот. Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта од Бога Таткото не е во него, зашто сѐ што е во светот: - похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, не е од Таткото, туку од светот. А светот поминува и неговата похот, а кој ја извршува Божјата волја останува довека. Деца, последен час е; и, како што сте чуле дека антихрист иде, така сега се подигнаа многу антихристи; по тоа знаеме дека е последниот час. Од нас излегоа, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас, туку требаше да се покаже дека не се сите од нас. А вие имате помазание од Светиот и знаете сѐ. Не ви пишав како да не ја знаете вистината, туку зашто ја знаете и зашто ниедна лага не е од вистината. Кој е лажецот, ако не оној, кој одречува дека Исус е Христос? Ова е антихрист - кој ги одречува Таткото и Синот. Секој, што Го одречува Синот Го нема ни Таткото; кој Го исповедува Синот, Го има и Таткото. Што чувте од почетокот тоа да остане во вас. Ако остане во вас она што го чувте од почетокот, и вие ќе останете во Синот и Таткото. А ова е ветувањето што Тој ви го вети: вечен живот. Ова ви го пишав заради оние, кои ве заведуваат. А вие, во вас останува помазанието што го примивте од Него и не е потребно некој да ве поучува, туку како што Неговото помазание ве учи за сѐ, и е вистинско и не е лага, и како што ве научи, така останете во Него. И сега, дечиња, останете во Него, за да имаме смела доверба кога ќе се јави Тој и за да не се засрамиме пред Него, при Неговото доаѓање. Ако знаете дека Тој е праведен, знајте дека секој кој врши правда, е роден од Него.