1 Коринтјаните 13:1-8
1 Коринтјаните 13:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
И да умеам да зборувам на сите можни јазици, човечки и ангелски, а немам љубов, јас би бил како гонг што одѕвонува, како цимбал што ѕвечи. И да имам дарба да пророкувам, да ги знам сите тајни, да го имам собрано целото знаење, да имам вера што може планини да преместува, а немам љубов - не вредам ништо! И да раздадам на сиромаси се што имам, па и сопственото тело да си го жртвувам, а немам љубов - ништо не сум постигнал! Да имаш љубов, значи: да имаш голема стрпливост и да бидеш љубезен. Да не си завидлив, да не се фалиш, да не се вообразуваш. Да не бидеш груб, да не бидеш себичен, да не бидеш избувлив, да не паметиш зло. Да не се радуваш на ниедна неправда, а да се радуваш на вистината. Секогаш да имаш разбирање за другите, секогаш да веруваш, секогаш да се надеваш и се да поднесуваш. Љубовта е вечна, а пророкувањата ќе престанат, зборувањето на непознати јазици ќе молкне, сегашното знаење ќе се надмине.
1 Коринтјаните 13:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи. Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува. Љубовта никогаш не пропаѓа. А пророкувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне.
1 Коринтјаните 13:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ако ги зборувам човечките и ангелските јазици, а љубов немам - тогаш сум бронза што ѕвони, или кимвал што ѕвечи. И ако имам дар за пророкување, и да ги знам сите тајни и сите знаења; и ако ја имам сета вера, така што да преместува и планини, а љубов немам - ништо не сум. И ако го раздадам целиот свој имот, за да ги нахранам бедните; и ако го предадам своето тело, да биде изгорено, а љубов немам, ништо не ми ползува. Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; не ѝ се радува на неправдата, а ѝ се радува на вистината; сѐ премолчува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи. Љубовта никогаш не престанува: А другите дарби: ако се пророштва - ќе се отстранат; јазици - ќе замолкнат; ако е знаење - ќе исчезне.