Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 12:4-13

1 Коринтјаните 12:4-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Постојат разни духовни дарби, но сите нив ги дава истиот Дух. Постојат различни начини на кои секој од нас помага во Црквата, но сите ние работиме за истиот Господ. Постојат различни начини на кои Бог дејствува во нашите животи, но преку сите нас работи истиот Бог. Преку секој од нас, Светиот Дух дејствува за општа полза на сите. На некои луѓе Светиот Дух им дал дарба мудро да зборуваат, на други им дал особено знаење. Истиот Дух на едни луѓе им дава посебна вера, а на други - дарба да исцелуваат. На некои луѓе им дава моќ да прават чуда, на други да пророкуваат; на некои луѓе им дава способност да распознаваат дали духот што зборува навистина е од Бог или не, на други да зборуваат на различни јазици, а на трети, пак, да преведуваат од различни јазици. Сите овие нешта ги прави единствениот и истиот Свет Дух, Кој ги распоредува даровите онака како што лично Тој ќе реши. Споредба со органите во телото Како што едно живо тело е составено од многу органи и сите тие многубројни органи сочинуваат едно исто тело, така е и со Црквата, која е Христово тело. Нас не има Евреи и припадници на други народи, некои од нас се робови, а некои слободни. Сепак Божјиот Дух сите нас не крсти и од нас направи едно тело. Секој од нас го прими истиот Дух.

1 Коринтјаните 12:4-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сѐ во сите. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза; зашто, на еден му се дава преку Ду­хот да зборува со мудрост, на друг – да зборува знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дарби за лекување, преку истиот Дух; на друг – чудотворства, на друг – да пророкува, на друг – да ги разликува ду­ховите, на друг – разни јазици, на друг – да толкува јазици. Сето ова го прави еден и ист Дух, распределувајќи секому поодделно, како што сака. И како што е телото едно, а има многу делови, и сите делови од тоа те­ло, па колку и да се тие, едно тело се, – така и Христос. Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и си­те сме со еден Дух напоени.

1 Коринтјаните 12:4-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Дарбите се различни, но Духот е ист. Различни се и службите, но Господ е ист. Има разлики и во дејствата, но Бог е ист, Кој врши сѐ во сите. Секому му се дава откровение на Духот за општа полза. На еден му се дава преку Духот слово на мудрост, на друг слово на знаење, преку истиот Дух; на друг вера преку истиот Дух; а на друг пак дарови за лекување преку истиот Дух; на друг да прави чуда, на друг да пророкува, на друг да ги разликува духовите, на друг разни јазици, а на друг да ги толкува јазиците. А сѐ тоа го прави еден и ист Дух, Кој разделува секому, како што сака. Зашто, како што е телото едно, а има многу членови, и сите членови на телото, иако се многу, едно тело се, така е и Христос: зашто ние сите сме крстени преку еден Дух во едно тело - било Јудејци, или Грци, било робови, или слободни. И сите сме напоени во еден Дух.