1 Коринтјаните 1:3-17
1 Коринтјаните 1:3-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос. Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос. Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење. Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас. Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба. Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос. Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ. Сега, драги пријатели христијани, многу ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, да изградувате слога меѓу вас, за да не дојде до раздор во црквата. Треба да ги усогласите вашите идеи и планови. Од семејството на Хлое ме известија дека меѓу вас, драги мои, има поделби. Едни сте викале: „Јас сум Павлов!“ други: „Јас сум Аполосов!“, трети: „Јас сум Петров!“, четврти: „Јас сум Христов!“ Зар Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Во името на Павле ли бевте крстени? Благодарен сум Му на Бог што, освен Крисп и Гај, јас не крстив ниту еден од вас, за да не рече некој дека е крстен во мое име. (Да, ги крстив и членовите на семејството на Стефан, а не се сеќавам дали сум крстил уште некој.) Христос не ме испрати да крштавам, туку да ја проповедам Радосната вест, и тоа не со мудри говори, за да не се омаловажи силата на делото што го изврши Христос на крстот.
1 Коринтјаните 1:3-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Да имате благодат и мир од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос! Секогаш Му благодарам на мојот Бог за вас поради Божјата благодат што ви е вам дадена во Исус Христос, преку Кого станавте богати во сѐ, во секое слово и во секое знаење. Зашто се утврди во вас Христовото сведоштво, така што не сте лишени од ниеден дар вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос. Тој ќе ве утврди и до самиот крај за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос. Верен е Бог, Кој ве повика во заедништво со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ. Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и меѓу вас да нема раздори, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во исто мислење. Зашто од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека меѓу вас имало кавги. Сакам да ви кажам дека секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „А јас сум Аполосов“, „Јас сум на Кифа“, „Јас, пак, Христов.“ Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово бевте крстени? Му благодарам на Бога што од вас никого не сум крстил, освен Крисп и Гај, та никој да не може да рече дека сте биле крстени во мое име. Навистина, го крстив уште и Стефаниновиот дом. Инаку не знам дали сум крстил и некој друг. Зашто Христос не ме прати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не изгуби од силата крстот Христов.
1 Коринтјаните 1:3-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
благодат ви вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа. Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христа Исуса, и зашто во Него се обогативте во сѐ, во секое слово и во секое знаење, како што Христовото сведоштво се зацврстило меѓу вас, така да не сте во недостаток од ниеден дар, чекајќи го откровението на нашиот Господ Исус Христос; Кој ќе ве утврдува и до крај, за да бидете беспрекорни во Денот на нашиот Господ Исус Христос. Верен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ. Браќа, ве прекорувам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите да зборувате исто и да нема раздори меѓу вас, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во една мисла. Имено, ми јавија, браќа мои, Хлоините домашни дека меѓу вас има препирки. Со ова сакам да кажам, дека секој од вас зборува: ‘Јас сум Павлов’, ‘Јас сум Аполосов’, ‘Јас пак Кифин’, а ‘Јас Христов’, Дали Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Или сте крстени во Павлово име? Му благодарам на Бога, што никого од вас не крстив, освен Криспа и Гаја, за да не рече некој, дека сте крстени во мое име. Го крстив уште Стефановиот дом; натаму не знам дали сум крстил некој друг. Зашто Христос не ме испрати да крштавам, туку да го проповедам Евангелието, и не со говорничка мудрост - за да не го изгуби Христовиот крст своето значење.