Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 1:1-9

1 Коринтјаните 1:1-9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Павле, по Божја волја повикан апостол на Исус Христос и братот Состен – до црквата Божја во Коринт, до осветените во Христос Исус, повикани светии, заедно со сите оние кои на секое место го повикуваат името на нашиот Господ Исус Христос, нивни и наш. Да имате благодат и мир од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос! Секогаш Му благодарам на мојот Бог за вас поради Божјата благодат што ви е вам дадена во Исус Христос, преку Кого станавте богати во сѐ, во секое слово и во секое знаење. Зашто се утврди во вас Христовото сведоштво, така што не сте лишени од ниеден дар вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос. Тој ќе ве утврди и до самиот крај за да бидете беспрекорни во денот на на­шиот Господ Исус Христос. Верен е Бог, Кој ве повика во заедништво со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.

1 Коринтјаните 1:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од Павле, повикан од Бог да Му биде апостол на Исус Христос, и од нашиот брат Состен. До Божјата црква во Коринт, до вас, кои Бог ве повика да бидете Негов свет народ и ве направи свети преку Исус Христос, и вас, и сите христијани насекаде, сите што го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ. Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос. Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос. Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење. Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас. Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба. Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос. Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.

1 Коринтјаните 1:1-9 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Павле, преку Божјата волја повикан апостол на Исуса Христа, и братот Состен, до Божјата црква која е во Коринт, до осветените во Исуса Христа, до повиканите свети, со сите кои го призовуваат на секое место името на нашиот Господ Исус Христос, Кој е нивни и наш; благодат ви вам и мир од Бога, нашиот Татко, и од Господа Исуса Христа. Секогаш Му благодарам на својот Бог за вас, за Божјата благодат што ви е дадена во Христа Исуса, и зашто во Него се обогативте во сѐ, во секое слово и во секое знаење, како што Христовото сведоштво се зацврстило меѓу вас, така да не сте во недостаток од ниеден дар, чекајќи го откровението на нашиот Господ Исус Христос; Кој ќе ве утврдува и до крај, за да бидете беспрекорни во Денот на нашиот Господ Исус Христос. Верен е Бог, преку Кого сте повикани во заедништво со Неговиот Син, Исус Христос, нашиот Господ.