Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 8:18-34

Maтеј 8:18-34 MNT

Забележувајќи голем број луѓе околу Себе, Исус им заповеда на Своите ученици да отпловат од спротивната страна на езерото. Тогаш еден вероучител дојде кај Него и му рече: „Учителе, готов сум да Те следам насекаде!“ А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки, немам Свое место за почивање!“ Еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми.“ Но Исус Му одговори: „Ти остани со Мене, а погребувањето на мртвите препушти им го на оние кои се духовно мртви.“ Потоа Исус се качи на бротчето, а Му се придружија и Неговите ученици на пловидба кон другиот брег. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне под удар на моќните бранови. А Исус беше заспал. Учениците дојдоа да Го разбудат, викајќи: „Господе, спасувај, гинеме!“ А Тој им рече: „Што сте се исплашиле? Колку ви е мала верата!“ Потоа стана и им заповеда на ветрот и на брановите да запрат; и настапи длабока тишина. Учениците останаа вчудовидени и шепотеа: „Кој е овој човек, Кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“ Исус пристигна во пределите на Гадара, од спротивната страна на езерото. Таму го пресретнаа двајца обземени со демонски духови, кои излегуваа откај гробните пештери; тие беа толку опасни, што никој не се осмелуваше да минува оттаму. Одеднаш, тие започнаа да викаат по Исус: „Што бараш кај нас, Сине Божји? Зар Си дошол предвреме да ни казниш?“ Во близина пасеше едно големо крдо свињи, и демоните почнаа да Го молат Исуса: „Ако ни бркаш, дозволи ни да влеземе во свињите.“ И Тој им дозволи, а тие, излегувајќи од обземените луѓе, влегоа во свињите. Наеднаш, целото крдо свињи јурна низ стрмнината право во езерото и се удави во водата. А свињарите, бегајќи, отидоа во градот и им раскажаа на тамошните жители за си што се случи со обземените. Тогаш целиот град се упати кон Исус, и штом Го видоа, Го молеа да си оди од нивниот крај.