Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 25:34-46

Maтеј 25:34-46 MNT

Тогаш Царот ќе им се обрати на оние од десната страна: ,Вие сте благословени од Мојот Татко; дојдете и примете го Царството што е приготвено за вас уште од создавањето на светот. Зашто, кога бев гладен, вие Ме нахранивте; кога бев жеден, Ме напоивте; кога бев патник, Ме прибравте; кога бев без облека, Ме облековте; кога бев болен, Ме гледавте; кога бев в затвор, Ме посетувавте.‘ Тогаш праведниците ќе Му одговорат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, па сме Те нахраниле и сме Те напоиле? Кога сме Те сретнале како патник или без облека, па сме Те прибрале и сме Те облекле? Кога сме Те виделе болен или в затвор, па сме Те гледале и сме Те посетиле!?‘ А Царот ќе им рече: ,Секогаш кога сте го правеле тоа за еден од Моите најмали луѓе сте го правеле за Мене!‘ Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, кога бев гладен, вие не Ми дадовте да јадам; кога бев жеден, не Ми дадовте да се напијам, кога бев патник не Ме прибравте; кога бев без облека, не Ме облековте, кога бев болен и в затвор, вие не Ме посетивте.‘ Тогаш и тие ќе Му речат: ,Господе! Кога сме Те виделе гладен или жеден, како патник или без облека, болен или в затвор, па не сме Ти помогнале?‘ А Тој ќе им одговори: ,Штом не сте направиле ништо за еден од Моите најмали луѓе, не сте направиле ни за Мене!‘“ Потоа Исус заклучи: „Овие луѓе ќе добијат вечна казна, а праведниците вечен живот.“