Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Maтеј 10:1-25

Maтеј 10:1-25 MNT

Исус ги повика Своите дванаесет ученици и им даде власт да истеруваат зли духови и да исцелуваат секаков вид болести и заболувања. Ова се имињата на дванаесетте апостоли: прв е Симон познат и како Петар и брат му Андреј; потоа следуваат: Јаков синот на Завдај, и брат му Јован; Филип и Бартоломеј; Тома и собирачот на данок Матеј; Јаков синот на Алфеј; Тадија, хананеецот Симон, и Јуда Искариот, кој подоцна Го предаде Исуса. Исус ги испрати овие дванаесетмина и им ги даде следниве упатства: „Не одете кај нееврејските народи и не влегувајте во градови на Самарија, туку, одете меѓу Израелците Божјите загубени овци. Одете и проповедајте им дека: ,небесното царство се приближува!‘ Исцелувајте болни, враќајте во живот умрени, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони. Правете го тоа бесплатно, како што и вам таа моќ ви беше дадена бесплатно. И не носете златни, сребрени или бакарни пари со себе; ни торби, ни два пара облека, ни сандали, ни стап, зашто на тој што работи ќе му ја дадат заслужената плата! Кога ќе пристигнете во некој град или село, распрашајте се кој е побожен и останете кај него до вашето заминување. При влегувањето во таа куќа, благословете ги домаќините со мир. И доколку тие бидат достојни, мирот навистина ќе им остане, а доколку не се покажат достојни, повлечете си го благословот за мир. Таму каде што нема да ве примат и нема да ве слушаат, напуштете ја таа куќа или град и притоа истресете го и правот од вашите нозе. Ве уверувам дека, на Судниот ден, полесно ќе им биде на градовите Содом и Гомора, отколку на тој град.“ „Еве, Јас ве испраќам вас како овци меѓу волци. Затоа, бидете мудри како змии, а во исто време и кротки како гулаби. Пазете се, зашто ќе има луѓе кои ќе ве предаваат на судови и ќе ве камшикуваат по синагогите. Поради вашата вера во Мене, ќе бидете приведувани на сослушување пред управители и владетели; тоа ќе биде сведоштво за нив и за светот. А кога ќе ве приведат на сослушување, не грижете се како и што ќе зборувате во своја одбрана; ќе ви бидат дадени вистинските зборови во вистинскиот час. Зашто, преку вас ќе зборува Духот на вашиот небесен Татко, а не самите вие. Понекогаш и брат брата ќе предава на смрт, и татко своето чедо; деца ќе се креваат против родители и ќе ги предаваат на смрт. Поради вашата вера во Моето име сите ќе ве замразат. Но, спасението е за оние што ќе издржат докрај! А штом почнат да ве прогонуваат од еден град, вие одете во друг. Ве уверувам дека нема да втасате да ја завршите работата по сите градови во Израел, додека да се вратам Јас, Синот Човечки. Ученикот не е поголем од учителот, слугата не е поголем од господарот. Ученикот ја споделува судбината на својот учител, а слугата на својот господар. Ако Мене, Стопанот на Божјата куќа Ме нарекоа „најголем ѓавол“, тогаш, колку повеќе ќе ви го прават тоа вам, кои сте Мое семејство!?“