Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 11:33-54

Лука 11:33-54 MNT

„Никој не пали свеќа за да ја скрие или стави под капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на луѓето кои влегуваат. Вашите очи се светилка за телото. Здравото и бистро око ја пропушта светлината во целото тело и тоа ќе ви биде осветлено. Лошото око не ја пропушта светлината и целото тело ќе ви потоне во мрак. Затоа, внимавајте светлината што е во вас да не стане темнина! Ако си целосно исполнет со светлина, без ниеден темен дел, тогаш и насекаде околу тебе ќе зрачи светлина, како кога светилка те осветлува со своите зраци.“ Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата. Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде, а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија! Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста? Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто! Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото. Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите! Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“ Тогаш еден од учителите на верскиот Закон Му рече: „Учителе, со Твоите зборови нe навредуваш и нас!“ А Исус му одговори: „Тешко и вам, учители на верскиот Закон, зашто на луѓето им натоварувате тешки товари, кои одвај можат да се носат, а вие ни со прст не помагате! Тешко вам, зашто вие им подигате гробници на пророците, а тие беа убивани од вашите татковци! Така и самите ги потврдувате и ги одобрувате постапките на вашите татковци: тие ги убија, а вие им подигате гробници! Затоа Бог во Својата мудрост рече: ,Ќе им испратам пророци и апостоли; а тие, некои од нив ќе ги убијат, а некои ќе ги прогонуваат‘, но од оваа генерација ќе биде побарана одговорноста за сета пролеана крв на Божјите пророци од почетокот на светот: од крвта на Авел, па сe до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и Светилиштето! Да, Јас ви кажувам дека оваа генерација ќе биде казнета за сите нив! Тешко вам, учители на верскиот Закон, зашто вие го зедовте клучот што ја отвора вратата на знаењето, но вие не влегувате, а оние што би сакале да влезат - ги спречувате!“ Додека Исус си заминуваше оттаму, вероучителите и фарисеите започнаа жестоко да Го критикуваат и да Му поставуваат секакви нападни прашања, во обид да Го фатат на некој збор и да Го обвинат.

Video for Лука 11:33-54