Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 4:4-26

Јован 4:4-26 MNT

Мораше да помине низ Самарија. Така Тој дојде до самарискиот град Сихар, близу до местото кое Јаков му го беше дал на својот син Јосиф. Таму беше бунарот на Јаков. Исус седна крај бунарот, зашто беше уморен од патувањето. Беше околу пладне. Една жена од Самарјанците дојде, за да си нацрпи вода. „Дај ми малку вода да се напијам!“ - и рече Исус. (Неговите ученици беа отидени во градот за да купат храна.) Тогаш Самарјанката Му рече: „Ти си Евреин, а јас сум Самарјанка; како можеш да бараш вода од мене!?“ (Имено, Евреите не сакаа да општат со Самарјанците.) Исус и одговори: „Кога би знаела што дава Бог, и Кој е Овој што ти бара вода, ти би побарала од Него и Тој би ти дал животодавна вода!“ Жената му рече: „Господине, немаш кофа за црпење, а бунарот е длабок. Од каде ќе нацрпиш животодавна вода? Овој бунар ни е од нашиот прататко Јаков, кој од него пиеше, а исто така и неговите синови и нивниот добиток; зар си ти поголем од Јаков!?“ Исус и одговори: „Секој што пие од оваа вода одново ќе ожедни. А оној што пие од водата што Јас ќе му ја дадам никогаш нема да ожедни. Водата што Јас ќе му ја дадам ќе стане во него извор на животодавна вода и ќе му донесе вечен живот.“ „Господине“ - му рече жената - „дај ми ја таа вода за повеќе да не ожеднувам, ниту пак да доаѓам овде да црпам вода!“ „Оди, викни го мажот ти, па дојдете овде!“ - и рече Тој. „Немам маж“ - Му одговори таа. Исус и рече: „Во право си кога велиш ,Немам маж‘, зашто пет мажи си имала досега, а и овој што сега го имаш не ти е законски маж! Вистина е тоа што го рече.“ Жената Му рече: „Господине, гледам дека си пророк! Кажи ми, зошто вие Евреите велите дека Ерусалим е единственото место каде што треба да му се поклонуваме на Бог, додека ние Самарјанците сметаме дека тоа е гората Геризим, каде што се поклонуваа и нашите предци?“ Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора. Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението доаѓа преку Евреите. Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“ Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“ „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Јован 4:4-26