Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 20:19-31

Јован 20:19-31 MNT

Во истиот тој ден, а беше недела, кога се стемни, Исусовите ученици се беа собрале зад затворени врати, поради страв од еврејските верски водачи. Тогаш Исус ненадејно се појави, застана на средина и ги успокои со поздрав. Потоа им ги покажа рацете и ребрата отстрана. Кога видоа дека тоа е Господ, учениците многу се израдуваа. Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух! Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“ Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“ По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав! Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“ Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“ А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“ Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него да имате вистински живот.