Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Коринтјаните 12:12-28

1 Коринтјаните 12:12-28 MNT

Како што едно живо тело е составено од многу органи и сите тие многубројни органи сочинуваат едно исто тело, така е и со Црквата, која е Христово тело. Нас не има Евреи и припадници на други народи, некои од нас се робови, а некои слободни. Сепак Божјиот Дух сите нас не крсти и од нас направи едно тело. Секој од нас го прими истиот Дух. Телото не е составено само од еден орган, туку од повеќе органи. Ако ногата рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум рака!“ Дали тоа што е нога, а не рака, е причина да не се смета за дел од телото? Или ако увото рече: „Јас не сум дел од телото, бидејќи не сум око!“ Дали тоа што е уво, а не око, е причина да не се смета за дел од телото? Ако целото тело беше само око, како ќе слушавме? Ако целото тело беше само уво, како ќе чувствувавме мириси? Но Бог го создаде нашето тело со многу органи и ги постави онаму каде што сметал дека им е местото. Ако има само еден орган, тоа нема да претставува тело! Телото е едно, но се состои од многу органи. Окото не може да и каже на раката: „Не си ми потребна!“, ниту главата може да им каже на нозете: „Не сте ми потребни!“ Напротив, органите што ни изгледаат послаби се многу понеопходни, а на оние што ги сметаме за понеугледни им посветуваме поголемо внимание! Значи, поголемо внимание им посветуваме на нашите понеугледни органи, зашто угледните органи немаат потреба од тоа. Бог така го составил телото, што им дал поголема чест на органите кои ние не ги истакнуваме. Така во самото тело нема неединство, туку органите еднакво се грижат еден за друг. Кога еден орган страда, со него страдаат сите органи. Кога на еден орган му се оддаде признание, со него се радуваат сите органи. Сите заедно, вие сте Христово тело, а секој поединец е посебен орган во тоа тело. Во Христовото тело, односно во Црквата, Бог поставил: прво апостоли, второ пророци, трето учители, по нив се оние што прават чуда, па оние што имаат дарба да исцелуваат, па оние што им помагаат на другите, па оние што умеат да управуваат и оние што зборуваат разни јазици.