Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ОТКРОВЕНИЕ 19:1-16

ОТКРОВЕНИЕ 19:1-16 MKB

Потоа чув како силен глас од множество на небото, да зборува: „Алилуја! Спасението, и славата, и честа, и силата Му припаѓаат на нашиот Бог, зашто се вистински и праведни Неговите судови! Зашто ја осуди големата блудница, која ја расипа земјата со своето блудство, и врз неа ја одмазди крвта на Своите слуги.“ И по вторпат рекоа: „Алилуја! И нејзиниот дим се издига во вечни векови!“ И паднаа дваесет и четирите старешини и четирите живи суштества, и Му се поклонија на Бога, Кој седи на престолот, велејќи: „Амин! Алилуја!“ А од престолот излезе глас, кој велеше: „Фалете Го нашиот Бог сите Негови слуги и вие, кои се боите од Него, мали и големи.“ И чув како глас од големо множество, и како шум на големи води, и како глас на силни громови, кои велат: „Алилуја! зашто се зацари нашиот Господ Бог - Сѐмоќниот! Да се радуваме и да се веселиме и да Му воздадеме слава, зашто дојде Јагнетовата свадба и Неговата жена се приготви, ѝ беше дадено да се облече во светло и чисто ленено платно; имено, платното, тоа се праведните дела на светите. И ми рече: „Напиши: Блажени се оние, кои се повикани на Јагнетовата свадба.“ Уште ми рече: „Овие се вистински Божји зборови!“ И паднав пред неговите нозе, да му се поклонам; и ми рече: „Не прави го тоа! Јас сум сослужител твој и на твоите браќа, кои го имаат Исусовото сведоштво. Поклони Му се на Бога, зашто Исусовото сведоштво е духот на пророштвото.“ И видов отворено небо, и ете, бел коњ, и Оној, Кој седеше на него, се вика Верен и Вистинит, и суди и војува праведно. Очите Му се огнен пламен, а на главата многу круни и носи напишано име, кое никој не го знае освен Него. И беше облечен во облека потопена во крв, и името Му е: Божјо Слово. А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа. И од Неговата уста излезе остар меч, за да ги удира со него народите; и Тој ќе им биде Пастир со железна палка; и Тој ќе ја гази кацата на виното на лутиот гнев на Бога Сѐмоќниот. А на Неговата наметка и на Неговото бедро има напишано име: „Цар на царевите и Господар на господарите.“