Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ПСАЛМИ 37:23-40

ПСАЛМИ 37:23-40 MKB

Господ ги води и зацврстува чекорите на добриот човек, и мил Му е неговиот пат. И ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака. Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб. Секогаш е милостив и дава на заем, благослов е врз неговото потомство. Отстранувај се од злото и прави добро и ќе останеш довека. Зашто Господ ја љуби правдата и Своите свети не ги остава. Засекогаш ќе бидат сочувани, ќе биде истребено потомството на безбожниците. Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа. Праведниковата уста кажува мудрост, а неговиот јазик говори право. Божјиот закон му е во срцето, неговите чекори не се колебаат. Грешникот го демне праведникот и бара да го убие; но Господ нема да го остави во негова власт и не ќе допушти да го осудат на суд. Надевај се на Господа и држи се за Неговиот пат; Тој ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните. Видов бесен злосторник, како се шири како разгранчен кедар. Поминав и ете - го нема веќе; го побарав, и не го најдов. Набљудувај го чесниот и гледај го непорочниот; миротворецот има потомство. А сите грешници ќе бидат откорнати, ќе биде истребено злочинечкото семе. Од Господа доаѓа спасение на праведните, Тој им е засолниште во лоши времиња. Господ им помага, Тој ги избавува: Тој ќе ги избави од нечесните и ќе ги спаси, зашто кај Него бараат прибежиште.