Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ФИЛИПЈАНИТЕ 1:9-30

ФИЛИПЈАНИТЕ 1:9-30 MKB

И затоа се молам вашата љубов да изобилува сѐ повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов, исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога. А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието, така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа, и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сѐ повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово. Навистина, едни Го проповедаат Христа од завист и љубов кон препирки, а други од добра волја; едни од љубов, знаејќи дека лежам во окови за одбрана на Евангелието, а други Го навестуваат Христа од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови. Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам, зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување, согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт. Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка. Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам. Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро, но заради вас е попотребно да останам во телото. И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата. И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас. Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието, и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога, зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него, имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене.