“Пазете се од лажните пророци, кои ви доаѓаат во овча облека, а внатре се грабливи волци. Ќе ги препознаете по нивните плодови. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Така, секое добро дрво раѓа добри плодови, а лошото дрво раѓа лоши плодови. Не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, ако не раѓа добри плодови, се сече и се фрла во оган. И така: ќе ги препознаете по нивните плодови.“
“Не секој, што Ми вели: ‘Госпо-ди, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата. Мнозина ќе Ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име; не изгонувавме ли бесови во Твое име; и не правевме ли многу чуда во Твое име?’
И тогаш Јас ќе им изјавам: ‘Никогаш Јас не сум ве познавал; одете си од Мене вие, кои правите беззаконие!’
“И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.“
И кога Исус ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење; зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како нивните книжници.