Лого на YouVersion
Икона за пребарување

МАТЕЈ 10:1-25

МАТЕЈ 10:1-25 MKB

И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост. А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован, Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј, Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. А кога ќе влезете во домот, поздравете го. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. Вистина ви велам, полесно ќе ѝ биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.“ “Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете; зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.“ “Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни!