Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЛУКА 23:1-49

ЛУКА 23:1-49 MKB

Тогаш целото нивно множество стана и Го одведе при Пилата. И почнаа да Го обвинуваат, велејќи: „Го најдовме Овој, како го буни нашиот народ и забранува да се дава данок на ќесарот, а за Себе вели дека е Христос Цар.“ А Пилат Го запра-ша, велејќи: „Ти ли си Јудејски Цар?“ А Тој во одговор му рече: „Ти велиш.“ Тогаш Пилат им рече на свештеничките главатари и на народот: „Не наоѓам никаква вина на Овој Човек.“ Но тие уште поупорно велеа: „Тој го буни народот, зашто поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па дотука.“ А кога Пилат го чу тоа, праша дали е Тој Човек Галилеец. И кога научи дека е од Иродовата област, Го испрати при Ирода, кој во тие денови - исто така - беше во Ерусалим. А кога Ирод Го виде Исуса, се зарадува многу, дека одамна имаше желба да Го види; зашто беше слушал за Него и се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него. И Му поставуваше многу прашања, но Тој не му одговори ништо. А свештени-чките главатари и книжниците стоеја и Го обвинуваа постојано. Тогаш Ирод, со своите војници, Го презре и Му се наруга; Го облече во сјајна облека и Го испрати назад при Пилата. Во истиот ден Пилат и Ирод се спријателија, зашто порано беа непријатели. А Пилат ги свика свештеничките главатари, началниците и народот, и им рече: “Ми Го доведовте Овој Човек како Тој да го бунтува народот; а, еве, јас Го испитав пред вас и не најдов во Овој Човек никаква вина, за која Го обвинувате. А ни Ирод, зашто Го прати назад при нас. И Овој не направил ништо, што заслужува смрт. Затоа, ќе Го казнам и ќе Го ослободам.“ А требаше да им ослободи еден затвореник на празникот. Но тие сите извикаа едногласно: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“ Кој беше фрлен во темница, заради некаква буна во градот и заради убиство. А Пилат им се обрати пак, сакајќи да Го ослободи Исуса; но тие викаа, велејќи: „Распни Го! Распни!“ А тој им рече по третпат: „Та какво зло направил? Јас не најдов во Него ништо, што заслужува смрт. Затоа ќе Го ослободам, откако ќе Го казнам.“ Но тие навалуваа со голема викотница и бараа да биде распнат; а викањето на нив и на свеште-ничките главатари беше сѐ посилно. Тогаш Пилат одлучи да го исполни нивното барање. И им го пушти оној, кого го бараа, а кој беше фрлен во темница заради бунт и убиство; а Исуса им Го предаде на нивна волја. И кога Го поведоа, го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од поле, па врз него го ставија крстот, за да го носи по Исуса. По Него одеше големо множество народ и жени, кои плачеа и ридаа за Него. Но Исус се заврти кон нив и им рече: „Ерусалимски ќерки, не плачете за Мене; туку плачете за себеси и за своите деца! Зашто, ете, доаѓаат денови кога ќе се рече: ‘Блажени се неродилките! И утробите што не родиле и градите што не доеле!’ Тогаш ќе почнат да им зборуваат на горите: ‘Паднете врз нас!’ и на ридиштата: ‘Покријте нѐ!’ За-што, ако се прави вака со зеленото дрво, што ќе биде со сувото. А водеа и други двајца разбојници, за да ги погубат со Него. И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, таму Го распнаа Него; и зло-чинците - едниот оддесно, а другиот одлево. А Исус рече: „Татко, прости им, оти не знаат што прават!“ Кога го делеа Неговото облекло, фрлија жрепка. Народот стоеше и гледаше. А старешините се ругаа, велејќи: „Други спаси! Нека се спаси Самиот Себеси, ако е Тој Христос, Божји Избраник!“ Му се потсме-ваа и војниците, кои Му се приближуваа и Му даваа киселина; и велеа: „Ако си Јудејски Цар спаси се Самиот!“ А над Него имаше натпис, напишан со грчки, латински и еврејски букви: „Овој е Јудејскиот Цар.“ А еден од обесените разбојници Го хулеше: „Зар не си Ти Христос? Спаси се Себеси и нас!“ А другиот во одговор го укори: „Зар не се боиш од Бога, кога и ти си исто така осуден. И, ние сме праведно осудени, зашто го примаме заслуженото од тоа што сме сториле. Но, Овој не направил никакво зло.“ И рече: „Исусе, спомни си за мене, кога ќе дојдеш во Твоето Царство!“ А Тој му рече: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во рајот.“ А беше веќе околу шестиот час, кога настана темнина по целата земја до деветтиот час, при што сонцето ја изгуби својата светлина, а завесата во Храмот се расцепи на средина. Тогаш Исус извика со силен глас: „Татко, Го предавам Својот дух во Твои раце.“ И кога го рече - издивна. А кога стотникот виде што се случи, почна да Го слави Бога, велејќи: „Навистина, Овој човек беше праведен!“ И сиот народ, што се беше собрал да го гледа ова, кога виде што стана, се враќаше дома, удирајќи се по градите. А сите Негови познати стоеја подалеку, и жените, кои дошле по Него од Галилеја - го гледаа тоа.