Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСУС НАВИН 2:1-14

ИСУС НАВИН 2:1-14 MKB

Исус, синот Навинов, испрати потајно од Ситим двајца согледувачи со налог: „Одите, извидете го подрачјето, особено Ерихон.“ Тие отидоа и стигнаа во куќата на блудницата, која се викаше Рава, и преноќеваа таму. Тоа му беше соопштено на ерихонскиот цар: „Еве, стигнаа ноќеска ваму некои луѓе од Израелевите синови за да ја извидат земјата.“ Тогаш ерихонскиот цар ѝ порача на Рава: „Изведи ги луѓето, кои дојдоа кај тебе, кои влегоа во твојот дом, зашто дојдоа да ја согледуваат оваа земја.“ Ама жената ги зеде оние двајца луѓе, ги скри и рече: „Вистина, тие луѓе дојдоа кај мене, ама јас не знаев од каде се. Кога во примрак беа затворувани градските врати, тие си отидоа, и јас не знам каде тргнаа. Побрзајте по нив, зашто уште можете да ги стигнете.“ А таа ги беше извела на покривот и ги скрила под нетриениот лен, што го имаше распрострено таму. И луѓето поитаа во потера по нив, кон Јордан, сѐ до бродот преку реката; а кога потерата излезе, градската врата се затвори зад нив. Додека тие горе уште не беа заспани, Рава се качи кај нив на покривот и им рече: „Знам дека Господ ви ја даде оваа земја, зашто сите нас нѐ фати страв од вас, и сите жители на овој крај се плашат од вас. Зашто чувме како Господ го исуши Црвеното Море пред вас, кога излеговте од Египет, и за она што им направивте на двата аморејски цара од другата страна на Јордан, на Сион и Ог, што ги погубивте. Кога го чувме сѐ тоа, ни застана срцето, и никој да собере сила за да ви се спротиви, зашто Господ, вашиот Бог - Тој е Бог горе на небесата и долу на земјата. Заколнете ми се, имено, во Господа дека и вие ќе му направите милост на домот на мојот татко, како што и јас ви направив милост вам, и дајте ми веродостоен знак дека ќе ги оставите во живот мојот татко и мојата мајка, моите браќа и моите сестри, и сѐ нивно, и дека ќе нѐ избавите од смртта.“ Луѓето ѝ одговорија: „Со своите животи емчиме за вас, само ако не нѐ предадете. Кога Господ ќе ни ја даде земјата, ќе ти искажеме милост и верност.“