Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВАН 21:9-19

ЈОВАН 21:9-19 MKB

Кога пак излегоа на земјата, видоа: положена жар, и риба врз неа, и леб. Исус им рече: „Донесете од рибите, што ги фати-вте сега!“ Тогаш Симон Петар влезе во коработ и извлече на брегот мрежа полна со големи риби - сто и педесет и три. Иако беа толку многу, мрежата не се скина. Исус им рече: „Дојдете и јадете!“ Но ниеден од учениците не се осмели да Го праша: „Кој си Ти?“- зашто знаеја дека е Господ. Исус дојде, зеде леб и им даде; и риба исто така. Тоа веќе беше трет пат како Исус им се јави на учениците, откако воскресна од мртвите. Откако завршија со појадокот, Исус му рече на Симона Петра: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме повеќе отколку овие?“ тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.“ Му рече: „Паси ги Моите јагниња!“ Му рече пак, по вторпат: „Симоне Јонин, љубиш ли Ме?“ Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.“ Му рече: „Води ги Моите овци на пасење!“ Му рече по третпат: „Симоне Јонин, Ме сакаш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти знаеш сѐ, Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Паси ги Моите овци!“ Вистина, вистина ти велам: кога беше по-млад, се опашуваше сам и одеше каде што сакаше; но, кога ќе остариш, ќе ги рашириш твоите раце, и друг ќе те опашува и ќе те води каде што нејќеш. А ова го рече, навестувајќи со каква смрт ќе Го прослави Бога. Откако го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“