Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.
А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота; каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.“ Натпи-сот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки. Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’ Пилат одговори: „Што напишав, напишав!“ А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу; си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!“ за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.
А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, ѝ рече на мајка си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде при себе.