Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ЈОВАН 14:15-31

ЈОВАН 14:15-31 MKB

“Ако Ме љубите, ќе ги пазите Моите заповеди. И Јас ќе Го молам Мојот Татко, и Тој ќе ви даде друг Утешител, за да биде со вас довека: Духот на Вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го гледа, ниту Го познава. Вие Го познавате, зашто Тој престојува при вас и ќе биде во вас. Нема да ве оставам сираци, ќе дојдам при вас. Уште малку, и светот веќе нема да Ме гледа, а вие ќе Ме видите; зашто Јас живеам и вие ќе живеете. Во оној ден ќе сознаете дека Јас Сум во Мојот Татко, и вие во Мене и Јас во вас. Кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, него ќе го љуби Мојот Татко, и Јас ќе го љубам, и ќе му се јавам Сам.“ Му рече Јуда, не Искариот: „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?“ Исус во одговор му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот Татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме. Кој не Ме љуби, не ги држи Моите зборови; а Словото што го слуша-те, не е Мое, туку е од Мојот Татко, Кој Ме испрати.“ “Ова ви го зборував, додека бев при вас; а Утешителот, Светиот Дух, Кого Татко Ми ќе Го испрати во Мое име, ќе ве научи сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков. Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои. Чувте дека ви реков: Одам и ќе ви дојдам. Ако Ме љубите, ќе се зарадувате дека одам при Мојот Татко, зашто Таткото е поголем од Мене. И ви реков сега, пред да се збидне, за да поверувате кога ќе се збидне. Не ќе зборувам уште многу со вас, зашто доаѓа кнезот на овој свет; тој нема ништо во Мене; но, за да сознае светот дека Јас Го љубам Таткото и дека правам, како што Ми заповеда Мојот Татко! Станете! Да си одиме оттука!“

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со ЈОВАН 14:15-31