Еве, овие се зборовите во посланието што пророкот Еремија му го испрати од Ерусалим на Остатокот на заточението - на старешините, на свештениците и на пророците и на сиот народ, кого што Навуходоносор го одведе од Ерусалим во Вавилон, откако царот Јехониј и царицата-мајка, дворјаните, јудејските и ерусалимските првенци, ковачите и браварите, го оставија Ерусалим. Писмото беше испратено по Еласа, синот Сафанов, и по Гемариј, синот Хелкиин, кои што Седекиј, јудејскиот цар, ги испрати во Вавилон при Навуходоносор, вавилонскиот цар. Еве ја содржината: „Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘До сите заточеници, кои ги одведов од Ерусалим во Вавилон! Градете куќи и населете се, садете градини и уживајте го нивниот род! Женете се и раѓајте синови и ќерки, за да раѓаат и тие синови и ќерки! Множете се за да не се намалите! Барајте мир во земјата во која ве заточив, молете Му се на Господа за неа, зашто врз нејзиниот мир почива и вашиот мир!’ Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Не оставајте да ве измамуваат вашите пророци, кои се меѓу вас, вашите гатачи! Не поведувајте се по соништата што тие ги сонуваат! Зашто тие пророкуваат лажно во Мое Име, а Јас не ги испратив’ - зборува Господ. Зашто Господ зборува вака: ‘Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место. Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас - зборува Господ - замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж. Тогаш ќе Ме повикувате, ќе доаѓате кај Мене, ќе Ми се молите, и Јас ќе ве слушам. Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце. И ќе оставам да Ме најдете - зборува Господ, ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав, зборува Господ. И ќе ве вратам во местото откаде ве одведов на заточение.