Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ИСАИЈА 26:1-19

ИСАИЈА 26:1-19 MKB

Во оној ден, ќе ја пеам оваа песна во Јудината Земја: „Ние имаме цврст град: за одбрана Тој ни крева ѕидови и предѕидишта. Отворете ги вратите! Нека влезе праведниот народ, кој ја пази верноста, чие значење е цврсто, кој го чува мирот зашто се надева во Тебе. Надевајте се во Господа довека, зашто Господ е Вечна Стена; Тој ги соборува оние кои живееја високо, разурнува висока крепост, ја разурнува во прав, ја срамнува со земјата, па ја газат нозе, нозете на бедните и чекорите на сиромашните.“ Патот на праведникот е прав, Ти ја рамниш патеката на праведниот. Да, на патеката на Твоите судови, Господи, Те чекаме желно; душата ни копнее по Твоето Име и по Твојот спомен. Со својата душа копнеам по Тебе ноќе, и со својот дух Те барам во себе, во зори. Зашто кога Твоите судови се појавуваат на земјата, жителите на земниот круг се учат на правда. Ако биде помилуван безбожникот тој не се учи на праведност. Во земјата на правдата тој прави беззаконие и не се обѕира на Господовото величие. Господи, Твојата рака е подигната а тие не ја гледаат. Нека ја видат и нека се засрамат, нека ги проголта ревноста на народот, нека ги проголта огнот подготвен за Твоите непријатели. Господи, Ти ни даваш мир, зашто Ти си Творец на сите наши дела. Господи, Боже наш, господареа над нас освен Тебе, други господари, но единствено Тебе, Твоето Име, ние ќе споменуваме. Мртвите нема да оживеат, сенките нема да воскреснат, зашто Ти ги казни и ги уништи и го сотре секој спомен за нив! Го умножи народот, Господи, го умножи народот, Се прослави, ги прошири сите граници на земјата! Господи, Те бараа во неволја; излеваа тивка молитва, кога ги стигна Твојата казна. Како што трудната жена пред породувањето се грчи и вика во болки, такви сме, Господи, пред Тебе. Забременивме, во маки сме како да раѓаме ветер, не ѝ донесовме дух на спасение на земјата, ниту паднаа жителите на светот. Твоите мртви ќе оживеат, телата ќе воскреснат. Разбудете се и воскликнувајте, жители на правот! Зашто Твојата роса е - роса на светлината, и земјата ќе ги исфрли мртвите.