Лого на YouVersion
Икона за пребарување

ОСИЈА 2:2-23

ОСИЈА 2:2-23 MKB

Поднесете тужба, поднесете, против својата мајка, зашто таа не ми е жена, а Јас веќе не сум ѝ маж. Нека ги отфрли блудствата од себе и прељубата меѓу своите дојки, за да не ја свлечам гола та да направам да биде како на денот на своето раѓање; за да не ја претворам во пустина, за да не ја претворам во сува земја и за да не ја поморам со жед. Јас нема да ѝ ги милувам децата, зашто тоа се блуднички деца. Да, нивната мајка му се предаде ма блудството, се срамеше она која ги зачна. Да, рече: Ќе трчам по своите љубовници, по нив кои ми ги даваат мојот леб и водата, мојата волна и ленот, маслото и мојот пијалак. Заради тоа ќе ѝ го заградам патот со трња, ќе ја опкружам со ѕид, за да не ги најде веќе своите патеки. И ќе трча по љубовниците, но не ќе ги стигне, ќе ги бара, но не ќе ги најде. Тогаш ќе рече: Одам да му се вратам на првиот маж, зашто посреќна бев порано отколку сега. И таа не разбра дека Јас ѝ давав и жито и вино и масло, дека ја опсипував со сребро и со злато од кое направија идол за Ваала. Затоа ќе го земам назад своето жито во Свое време и Своето вино во вистински час; ќе ги одземам Својата волна и Својот лен со кои требаше да ја покрива својата голота; сега ќе ѝ го откријам срамот пред очите на нејзините љубовници, и никој нема да ја избави од Мојата рака. Ќе им направам крај на сите нејзини веселби; прослави, млади месечини, саботи, и на сите нејзини празници. Ќе ѝ ги запустам лозите и смоквите за кои зборуваше: „Тоа е платата што ми ја дадоа моите љубовници.“ Ќе ги претворам во грмушници, и полските животни ќе ги брстат. Ќе ја казнам за Вааловите денови на кои им кадеше, се китеше со гривна и со огрлица и трчаше по своите љубовници; а Мене Ме забораваше - говори Господ. Еве, затоа ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе му проговорам на нејзиното срце. И таму ќе ѝ ги вратам нејзините лозја, и од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж. Таму ќе ми се одѕива таа како во деновите на својата младост, како во времето кога излезе од Египет. Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,“ а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.“ Ќе ѝ ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата. Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа. Ќе те свршам довека за Себе; Ќе те свршам во правда и справедливост, во добрина и во милост; ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го сознаеш Господа. Во оној ден - говори Господ - ќе им се одѕвијам на небесата, а таа ќе им се одѕвие на земјата; земјата ќе им се одѕвие на житото, на виното и на маслото, а тие ќе му се одѕвијат на Езраел. И ќе ја посеам за Себе во земјата, ќе ја замилувам непомилуваната и ќе му речам на Не-Мој-Народот: „Ти си Мој народ!“ а тој ќе рече: „Боже мој!“