Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 45:1-13

БИТИЕ 45:1-13 MKB

Јосиф не можеше веќе да се совладува пред оние, кои го опкружуваа, па извика: „Нека отстапат сите!“ Така не остана никој со Јосифа, кога им се откри на браќата. Заплака гласно одеднаш, да можеа и Египетците да го чујат. Се научи за тоа и во фараоновиот дворец. „Јас сум Јосиф - им рече Јосиф на браќа си. - Дали е татко ми уште жив?“ Но браќата не можеа да му одговорат, толку се смутија пред него. Јосиф им рече пак на браќата: „Приближете се кон мене!“ Кога се приближија, продолжи: „Јас сум Јосиф, вашиот брат; кого го продадовте во Египет. Но сега не се возбудувајте и не жалете за тоа дека ме продадовте ваму; зашто Бог е Оној, Кој ме испрати пред вас, за запазување на вашиот живот. Веќе две години се откако дојде гладот на земјата, а уште пет години нема да има ни орање ни жетва во земјата. Затоа Бог ме испрати пред вас, за да ви биде запазен остатокот на земјата и да ви го спаси животот со големо избавување. Така, вие не ме испративте ваму, туку Бог; Тој ме постави фараонов татко, господар над сиот негов дом и владетел над целата Египетска Земја. Побрзајте кон мојот татко и речете му: ‘Твојот син Јосиф ти го порачува ова: „Бог ме постави за господар на целиот Египет; слези при мене без двоумење. Ќе се настаниш во крајот Гесен. Така ќе бидеш близу до мене: ти, твоите деца, твоите внуци, твоите овци и говеда и сѐ што е твое. Таму ќе се грижам за тебе, зашто гладот ќе потрае уште пет години. Така не ќе скуднееш ни ти, ни твоето семејство, ниту кој и да е твој.“‘ Па со своите очи можете да видите, како што гледа и брат ми Венијамин, дека мојата уста ви го зборува тоа. Раскажете му на таткото за мојот висок положај во Египет и за сѐ што видовте; и доведете ми го таткото бргу ваму!“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност