Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 42:1-17

БИТИЕ 42:1-17 MKB

Кога Јаков чу дека има жито во Египет, им рече на своите синови: „Зошто гледате еден во друг! Чув дека има жито во Египет! Отидете долу и набавете ни го оттаму, за да останеме во живот и да не изумреме.“ Така десетте Јосифови браќа слегоа да набават жито во Египет. Јаков не го испрати со другите Венијамина, вистинскиот Јосифов брат. Велеше: „Да не му се случи некаква несреќа.“ Меѓу оние кои одеа да набават жито, зашто владееше глад во Ханаанската Земја, беа и Израелевите синови. Јосиф беше управител во земјата; тој му продаваше жито на сиот народ на земјата. Така и Јосифовите браќа дојдоа и му се поклонија со лицето до земјата. Јосиф ги препозна браќата, штом ги здогледа, но се однесуваше кон нив како странец и им зборуваше остро. Ги праша: „Од каде доаѓате?“ Одговорија: „Од Ханаанската Земја, дојдовме да купиме храна.“ Иако Јосиф ги препозна своите браќа, тие не го препознаа него. Јосиф си спомна за соништата што ги виде за нив. И им рече: „Вие сте согледувачи! Дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.“ Тие му одговорија: „Не, господару! Твоите слуги дојдоа да набават храна. Сите ние сме синови на еден татко; чесни луѓе сме; твоите слуги никогаш не биле согледувачи.“ Тој пак им рече: „Не, туку дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.“ Тие одговорија: „Ние, твоите слуги, бевме дванаесет браќа - синови на еден татко - во Ханаанската Земја; најмладиот е сега со таткото, а едниот веќе го нема.“ Но Јосиф им дофрли: „Онака е како што веќе ви реков: вие сте согледувачи! Вака ќе ве испитам: жив да ми е фараонот, оттука нема да излезете, ако вашиот најмлад брат не дојде тука! Испратете еден од вас да ви го доведе братот, а вие другите во темница! Така ќе го проверам вашето тврдење и ќе видам дали е вистината со вас или не е. Инаку, жив да ми биде фараонот, вие сте согледувачи.“ Потоа ги фрли во темница за три дни.