Лого на YouVersion
Икона за пребарување

БИТИЕ 4:1-16

БИТИЕ 4:1-16 MKB

Адам ја позна својата жена Ева, а таа зачна и го роди Каина, па рече: „Добив машко чедо со помош на Господа!“ Потоа го роди Авела, братот Каинов; Авел стана сточар, а Каин земјоделец. И еден ден Каин Му принесе на Господа жртва од плодовите на земјата. А и Авел принесе од првородените на својот добиток, и од мрсното. Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва, а ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва. Затоа Каин се налути многу, и лицето му се смени. И Господ му рече на Каина: „Зошто си лут? Зошто ти е сменето лицето? Зашто ако работиш право, светиш од насмеаност. А ако не работиш право, гревот ти лежи пред врата, што дебне врз тебе; но ти уште можеш да му се спротивиш.“ Каин пак му рече на својот брат Авел: „Ајде да излеземе!“ И откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби. Потоа Господ го праша Каина: „Каде е брат ти Авел?“ „Не знам - одговори - зар сум јас чувар на својот брат?“ Господ продолжи: „Што направи? Слушај! Крвта на твојот брат вика кон Мене од земјата. Затоа биди проклет на земјата, што ја отвори устата за да ја прими крвта на брата ти, од твојата рака! Ќе ја обработуваш земјата, но таа веќе не ќе ти го дава својот род. Ќе бидеш вечен скитник на земјата!“ А Каин Му рече на Господа: „Мојата казна е премногу тешка, за да се поднесува. Еве, денес ме тераш од плодната почва; треба да се кријам од Твоето лице и да бидам вечен скитник на земјата - кој ќе ме најде, може да ме убие.“ А Господ му рече: „Не! Туку кој ќе го убие Каина, врз него ќе биде извршена седмократна одмазда!“ И Господ му стави знак на Каина, за да не го убие некој, кој ќе го сретне. Каин отиде од пред Господовото лице во земјата Нод, источно од Еден, и таму се насели.