И така, умртвете ги своите членови што се на земјата: блудството, нечистотата, страста, лошата желба и лакомството, што е идолопоклонство, заради кои доаѓа Божјиот гнев на непослушните синови. Меѓу кои и вие некогаш одевте, кога живеевте во нив. Но сега, отфрлете го и вие сѐ ова: гневот, јароста, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста. Не лажете се еден друг, зашто го соблековте стариот човек со неговите дела и облековте нов, кој се обновува во полно познавање по образот на Оној, Кој го создал, каде нема веќе Грк ни Јудеец, обрезание и необрезание, варварин, Скит, роб, слободен, туку Христос е сѐ и во сѐ.
И така, облечете се како Божји избраници, свети и возљубени, во милосрдно срце, благост, смиреност, кротост трпеливост! Трпете се еден со друг и проштавајте си еден на друг, ако некој има поплака против некого, како што и Господ ви прости вам, така проштавајте и вие! А над сето тоа облечете се во љубов, која сврзува сѐ во совршенство! И Христовиот мир да владее во вашите срца, за кого сте и повикани во едно тело; и бидете благодарни! Христовото слово да живее изобилно во вас; во секоја мудрост учете се и опоменувајте се еден друг со псалми, химни, духовни песни, пеејќи Му на Господа со благодат во вашите срца. И сѐ што правите со збор или дело, правете сѐ во името на Господа Исуса, благодарејќи Му на Бог Таткото преку Него.