Павле, апостол на Исуса Христа преку Божјата волја и братот Тимотеј, до светите и верни браќа во Христа, во Колос: благодат вам и мир од Бог нашиот Татко.
Му благодариме на Бог, и Таткото на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас, зашто чувме за вашата вера во Христа Исуса и за љубовта, која ја имате кон сите свети, заради надежта која се чува за вас на небесата, за која чувте порано од вистинското слово на Евангелието, кое дојде при вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте како и при вас, од оној ден кога го чувте и ја запознавте Божјата благодат во вистината, како што го научивте од Епафрас, наш возљубен сотрудник во службата, кој е верен Христов служител за вас, кој и нѐ извести за вашата љубов во Духот.
Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не прекратуваме да се молиме за вас и да просиме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, така што да одите достојно за Господа и да Му бидете угодни во сѐ; за да бидете плодоносни во секое добро дело и за да растете во познавањето на Бога; зајакнувајќи со секаква сила, сообразно со силата на Неговата слава, за секаква непоколебливост и трпение; со радост да Му благодарите на Бога, Кој нѐ оспособи за учество во наследството на светите во светлината. Тој нѐ избави од власта на темнината и нѐ пресели во Царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп, преку Неговата крв; простување на гревовите.
Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание, зашто во Него е создадено сѐ што е во небесата и на земјата; видливо и невидливо, било престоли, или господства, или началства, или власти; сѐ е создадено преку Него и за Него. И Тој е пред сѐ и сѐ во Него има свое сплотување. Тој е и Глава на Телото, на Црквата: Тој е почеток, Првороден од мртвите, за да биде Прв во сѐ, зашто во Него благоволи да се всели сета полнота, и преку Него да измири кон Себе сѐ што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст.