Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 ЦАРЕВИ 6:24-33

2 ЦАРЕВИ 6:24-33 MKB

После тоа арамејскиот цар Вен-Адад, ја собра сета своја војска и се искачи и ја опколи Самарија. И стана голем глад во Самарија, а опсадата потраја толку што ослева глава чинеше осумдесет шекели сребро, а четвртинка кав од гулабовата нечистота пет шекели сребро. Кога царот поминуваше по ѕидот, некоја жена му викна: „Помогни, господару цару!“ Тој одговори: „Господ нека ти помогне! Како ќе ти помогнам јас? Со нешто од гумното или од кацата?“ Уште ѝ рече царот: „Што ти е?“ Таа одговори: „Оваа жена ми рече: ‘Дај го својот син за да го изедеме денес, а утре ќе го изедеме мојот!’ Го сваривме мојот син и го изедовме. А утреден ѝ реков: ‘Дај го твојот син за да го изедеме.’ Но таа го скри својот син.“ Кога царот ги чу зборовите на таа жена, ги раскина облеките врз себе. И кога одеше по ѕидот, народот виде дека има вреќиште на телото. И тогаш царот рече: „Господ нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго ако главата на Елисеј, синот Сафатов, остане врз неговите раменици денес!“ Елисеј седеше во својата куќа, и старешините седеа со него. Царот испрати пред себе гласник, но Елисеј им рече на старешините, пред да стигне гласникот до него: „Гледате ли дека оној крвнички син нареди да ми ја земат главата? Внимавајте: кога гласникот ќе стигне, затворете ја вратата и одбијте го од вратата. Не слуша ли се тропот на чекорите на неговиот господар по него?“ Додека уште им зборуваше, гласникот стапи пред него и му рече: „Ете, оваа неволја е од Господа! Што да чекам уште од Господа?“