Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Песна над песните 4:1-16

Песна над песните 4:1-16 MK2006

Возљубениот: О, убава си, љубов моја, убава си! Очите твои се гулаби под твојот превез; косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од гората Галаад; забите твои – како стадо истри­жени овци, кога излегуваат од капе­ње, од кои секоја има по две јагниња, и без јагне нема ниедна; усните твои се како алова панделка, а устата твоја е прекрасна; твоите об­рази под превезот твој се како половинки од калинка; вратот ти е – како Давидовата ку­ла, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сѐ штитови на јунаци; двете твои гради се како близна­чиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови. Во ладовината на вечерта кога ќе одминат сенките, ќе одам на смирно­вата гора и на темјановиот рид. Цела си убава, мила моја, нема ни дамка на тебе! Слези со мене, невесто моја, симни се од планините на Ливан и дојди со мене; симни се од врвовите на Амана, Сенир и Ермон. Побегни од тие ла­вовски легала, од леопардовите гори! Ти го освои срцето мое, сестричке, невесто, го плени срцето мое со еден поглед на очите свои и само со една од веришките на вратот свој. О, колку е слатка љубовта твоја, сестричке, невесто! Послатка е љубовта твоја од вино, и пријатниот мирис од твоите масла е попријатен од сите ароми. Од устата твоја капе восочен мед, невесто, мед и млеко под јазикот твој, и мирисот на облеката твоја е како мирис леванонски! Затворена градина е мојата сестричка, невеста, извор затворен, кла­денец запечатен; твојот насад е градина од дрвја со вкусни плодови, кипар и нард, нард и шафран, трска и цимет со секакви миризливи дрвја, смирна и алој со најубави ароми, ти си градински извор, кладенец од жива вода, поток што тече од Ливан. Возљубената: Подигни се, ветре, од север, повеј и ти, ветре, од југ и повеј над градината моја, за да прострујат аромите нејзини! Нека дојде мојот воз­љубен во градината своја и нека касне од слатките пло­дови нејзини.