Тој ме воведе во куќата за гозба, и знамето негово над мене беше љубов. Поткрепете ме со слатки од грозје, освежете ме со јаболка, зашто сум болна од љубов. Левата рака негова ми е под главата, а со десната ме прегрнува. Возљубениот: Ве заколнувам ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака.
Возљубената: Гласот на мојот возљубен! Еве го: доаѓа, скока преку горите, прескокнува преку ридовите. Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад ѕидот наш, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката. Мојот возљубен се огласи и ми рече: „Стани, мила моја, убавице моја, дојди! Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе, цвеќиња се појавија по земјата; настана време за песни, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша; смоквите ги отворија пупките свои, и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, убавице моја, и дојди! Гулабице моја во карпест пролом, под камено засолниште, покажи ми го лицето свое, дај ми да го чујам гласот твој, зашто гласот ти е пријатен, и лицето ти е прекрасно. Фатете ни ги лисиците, лисичињата, зашто тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат.“ Мојот возљубен е мој, јас, пак, сум – негова; тој го пасе стадото меѓу кринови.