Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Рута 4:1-15

Рута 4:1-15 MK2006

Вооз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше тој. И му рече: „Дојди и седни тука!“ Тој дојде и седна. Вооз повика десет мажи од градските старешини и рече: „Седнете ту­ка!“ И тие седнаа. И Вооз му рече на роднината: „Ноемина, која се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, што му припаѓа на братот наш Елимелех; јас решив да ти јавам и да ти кажам: ‚Купи го пред седнативе тука – старе­шините на мојот народ. Ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, решиш да не го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го отку­пи, а по тебе сум јас.‘“ Тој одговори: „Јас ќе го откупам.“ Вооз рече: „Штом ја откупуваш нивата од Ноемина, треба да ја земеш за сопруга и Моавката Рута, жена на умрениот, за да остане нивата во нас­лед­ството на нејзиниот починат маж.“ А оној роднина одговори: „Јас не можам да ја откупам, зашто ќе го растурам моето наследство; преземи го ти моето право на откупување, бидејќи јас не можам да ја земам.“ Порано во Израел, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување на размената постоеше ваков обичај: едниот ја собуваше обув­ката своја и му ја даваше на другиот, и тоа служеше како сведоштво во Израел. И оној роднина му рече на Вооз: „Откупи го ти!“ И ја собу обувката своја, и му ја даде. И Вооз им кажа на старешините и на целиот народ: „Вие сте сега сведоци дека јас го купувам од Ноемина сето Ели­мелехово и сето Килионово и Ма­ло­ново наследство; исто така ја земам за жена и Моавката Рута, Малоновата жена за да го востановам името на умрениот во неговото наследство за да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и од неговиот роден град; вие сте ми денес сведоци за тоа.“ И сиот народ што беше при градските порти, и старешините рекоа: „Ние сме сведоци. Нека даде Господ, жената, која влегува во куќата твоја, да биде како Рахила и Лија, кои и обете го изградија домот Израелов; збогатувај се во родот Ефратов, и нека се слави името твое во Витлеем. И со потомството, кое Господ ќе ти го даде од оваа млада жена, нека стане твојот дом како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда.“ И Вооз ја зеде Рута, и таа му стана жена. И тој влезе кај неа, и Господ ѝ даде, та зачна и роди син. И ѝ велеа жените на Ноемина: „Нека е благословен Господ, зашто не те остави денес без наследник! И нека биде славно името негово во Израел. Тој ќе ти биде обнова на животот и прехрана во старите денови твои, зашто е рожба на снаата твоја, која те сака и која ти вреди повеќе од седум синови.“