Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите. А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сѐ им содејствува за добро; зашто оние, кои однапред ги позна, нив и ги предопредели да бидат сообразни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа. А оние што ги предопредели, тие и ги повика, и кои ги повика, тие и ги оправда; кои ги оправда, тие и ги прослави.
Што да речеме, пак, на ова? Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас? Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сѐ? Кој ќе ги обвини избраниците Божји? Бог е Тој Кој ги оправдува! Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас! Кој ќе нѐ одвои од љубовта кон Христос? Дали неволјата? Или маката? Или прогонот? Или гладот? Или голотијата? Или погибелта? Или мечот? Како што е напишано: „Заради Тебе секогаш нѐ убиваат; нѐ сметаат како овци за клање.“ Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној Кој нѐ возљуби. Зашто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ.